Денес во Скопје ќе се одржи Национален самит посветен на предизвиците во процесот на дигитализација на критичната инфраструктура, безбедноста и енергетската транзиција. Како што е најавено, на настанот ќе учествуваат министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска.
Андоновски ќе има воведно обраќање за националните дигитални приоритети, а Божиновска ќе дискутира за стратешката визија на државата во врска со енергетската транзиција.
Меѓународни експерти од областа на сајбер безбедноста, дигиталната трансформација и енергетиката ќе презентираат иновативни решенија и модели кои веќе се имплементираат на меѓународно ниво.
Во презентациите на експертите, клучни теми ќе бидат сајбер безбедност и сајбер рикавери, заштита на податоци, решенија за целосно управувано опоравување од “Ransomware катастрофи во земјата”, инвестиции и посветеност за Северна Македонија (центри на податоци, разлики во знаење), како и надзор и заштита на критичната инфраструктура од беспилотни летала (дронови).
Ќе се дискутира и за дигитализација на енергетската транзиција и комуникациската инфраструктура, поддршка за општините и институциите – олеснување за лиценци, проактивно планирање на мрежни приклучоци, експанзија кон големи соларни паркови, економска проценка и квалитетна реализација, како и интернационална примена и модели на ниво на Влада.
Самитот го организираат Solarmappro (Швајцарија), Assured Data Protection (Велика Британија), Sfera-IT (Словенија) и Bridgers (Македонија), а целта е да се обединат клучните чинители од јавниот и приватниот сектор во заедничка дискусија за иднината на критичната инфраструктура и енергетската безбедност во дигиталната ера.
Фото – GoodFon