Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии (МАСИТ) на 19. редовно годишно Собрание избра ново раководство.
Според последните статутарни измени на Комората, за нов Претседател на Комората, како официјален претставник на МАСИТ е Претседателот на Управниот одбор, а не Претседателот на Собранието како што беше претходно.
Така, Претседател на Комората е Јордан Димитровски од компанијата Аитоникс (што воедно е и Претседател на УО, а Претседател на Собранието на МАСИТ е Илија Господинов од компанијата Ендава. Мандатот на новото раководство е за периодот 2025 – 2028 година.
Членови на Управниот одбор на МАСИТ покрај Димитровски се Благој Христов од Македонски Телеком, Драган Чепујноски од А1 Македонија, Дамјан Манчевски од МАК-Систем, Софче Јовановска од Скеил фокус, Весна Иваноска од Киншифт Академи, Костандина Пареска Медарски од Валтек, Филип Петровски од Дата мастерс и Зоран Лазаревски од Ултра.
За членови на Надзорниот одбор се избрани Горан Митев од Едусофт, Миле Стоиловски од Брансис и Маријана Андриќ од Маранд., додека во Судот на честа влегоа Дашмир Истрефи од Хојотек, Сашо Јовановски од Даталаб и Јана Дамевска од Инфиго.
-Веруваме дека изборот на Димитровски носи нова енергија, фокус на конкретни резултати и посветеност на јакнењето на улогата на ИКТ секторот во националниот развој. Во согласност со последните статутарни измени на МАСИТ, функцијата претседател на Управниот одбор вклучува и улога на официјален претставник на Комората пред институциите, партнерите и јавноста, што ја позиционира оваа функција како клучна во понатамошното водење и застапување на МАСИТ. Очекуваме период исполнет со засилена соработка меѓу членовите, проактивна улога на Комората во креирање на политики и конкретни чекори во насока на дигитална трансформација и интернационализација на македонските ИКТ компании, наведува МАСИТ.