На 17 мај 2025 година во Тетово се одржа Националниот круг на Економската Олимпијада, организиран од Институтот Либерална Алтернатива (LAI) и Economics Fundamentals Initiative (EFI), со поддршка од Универзитетот на Југоисточна Европа (УЈИЕ).
На овој натпревар учествуваа повеќе од 70 ученици од 30 училишта и 16 градови како Кочани, Штип, Велес, Гевгелија, Куманово, Скопје, Тетово, Гостивар, Кичево, Македонски Брод, Струга, Прилеп, Крива Паланка и други , кои се натпреваруваа во две фази на тестирање. По напорна конкуренција, беа избрани топ 5-те најдобри ученици, кои ќе ја претставуваат Македонија на Меѓународната Економска Олимпијада, што ќе се одржи во август оваа година во Грција, на Античката Олимпија, која е позната како место каде што започнале првите олимписки натпревари.

Топ 5 победници се:
- Стефан Младеновски – СОУ “Јосиф Јосифовски”, Гевгелија
- Ангела Трпеска – СУГС “Васил Антевски – Дрен”, Скопје
- Дрен Халити – СОУ “Никола Штејн”, Тетово
- Јасир Мустафа – СУГС “8 Септември”, Скопје
- Анастасија Шикоска – Колеџ Јахја Кемал, Струга
Ректорот на УЈИЕ, Академик Абдилменаф Беџети, изјави: “Овој настан веќе станал традиционален со текот на годините, тоа е Економската Олимпијада, во која се натпреваруваат матуранти и ученици од средни училишта во економски теми. Тоа е една форма на предобука, предвовед и подготовка за нивната следна фаза во образованието.”
Извршниот директор на Институт Либерална Алтернатива, Орхан Цека, кој е организатор на оваа натпреварување потенцираше: “Важно е да се напомене дека ова е третата година на организација, а секоја година имаме пораст во учеството – од 25 училишта во првата година, сега на ниво на државата имаме учество на 52 училишта и 2693 ученици во школскиот круг. Денес имаме околу 70 ученици од 16 различни градови од Република Северна Македонија.”
Претседателот на EFI и професор на Hunter College, CUNY – САД, Рендол Фајлер, ги мотивираше учениците со следново:
“Најдобрите 5 од националниот натпревар многу лесно може да добијат прием во одлични универзитети во САД за своите додипломски студии, и јас со задоволство би напишал писмо за препорака за секој од нив.”
Оваа активност, која се организира веќе три години, не само што го промовира економското образование кај младите, туку ги зајакнува и нивните аналитички вештини, критичко размислување и подготовка за предизвиците на модерната економија.
