Една третина од младите започнуваат да пушат на 14 години

- Advertisement -

Македонија е една од првите 10 држави во светот по испушени цигари по пушач, а статистиките за младите пушачи од 12 до 15 години изнесуваат 12,4 отсто, соопшти денеска м-р Тамара Мијовиќ Спасова, од „Аналитика“ тинк тенк. Таа истакна дека иако навидум бројките се мали тие се сериозно високи ако се земе опсег возраста на децата. Таа ги претстави резултатите за адолесцентите кои покажуваат дека речиси 30 отсто од нив обично започнуваат со пушење на возраст од 14 години.

„Аналитика“ тинк-тенк на денешниот настан „Преку зајакнување на фискалните и здравствените политики до намалени смртни случаи, спречување на пушење кај младите и зголемени буџетски приходи во С Македонија“, ги презентираше резултатите и препораките од претходните две студии на кои работеле.

- Advertisement -

„Резултатите покажуваат дека високи 48,40% од македонските граѓани се најголеми конзуматори на тутунот во споредба со жителите од Југоисточна Европа каде просекот на пушење е 22,30%, додека споредбено се земјите од Европа, Македонија сеуште ги има најниските цени по кутија цигари што воедно ги прави и најдостапни за популацијата независно од возраста. Негативен тренд за достапноста на цигарите е домашната акциза која е за 36 евра под потребниот минимум во земјите членки на ЕУ каде акцизата изнесува 90 евра на 1 000 цигари, како и нелегалната трговија со цигари која во Македонија е најниска споредбено со земјите од регионот“, наведено е во соопштението на „Аналитика“.

Од здравствен аспект, студиите покажуваат дека зголемување на акцизата носи здравствени придобивки, намалување на бројот на пушачи од 3.000 до 48.000 пушачи и сериозно намалување на бројот на смртни случаи поврзани со пушењето.

- Advertisement -

М-р Бојана Мијовиќ Христовска кажа дека зголемување на приходите од акциза за 30% покрај тоа што значи прилив од 276 милиони евра во буџетот, носи големи бенефити односно намалување на потрошувачка на цигари за 16%.

„Тоа значи и намалување на број на пушачи за приближно 25.000, намалување на бројот на смртни случаи поврзани со пушењето за околу 7.000 и намалување на интензитет на пушење на околу 300 цигари годишно“, вели таа.

- Advertisement -

Истражувањето покажало дека 79% од младите имаат поголема веројатност да почнат да пушат доколку нивниот родител пуши, од причина што цигарите им се достапни дома и 62% можат да почнат да пушат доколку пушат и нивните пријатели. Според истражувањето 80% од младите пушачи не биле спречени да купуваат цигари поради возраста односно поради достапноста на цигарите и не- ценовните политики во државата како и дека цената на цигарите има влијание врз одлуката на младите да започнат со пушење.

Статистиките на „Аналитика“ велат дека зголемувањето на цените на цигарите за 10% ја намалува веројатноста за започнување со пушење кај младите за 3%.

(Meta.mk)

(фото: Freerangestock)

Сподели!
- Advertisement -