4iG летово очекува лиценца за трет мобилен оператор – македонските граѓани од крајот на 2026 ќе можат да ги користат нивните услуги

- Advertisement -

Доколку ја добие лиценцата за фреквенција, македонските граѓани до крајот на 2026 година веќе ќе можат да ги користат услугите на потенцијалниот трет мобилен оператор 4iG, а зголемената конкуренција ќе донесе и пониски цени, соопштија од групацијата.

Пал Заранди, директор за стратегии, мобилни и 5Г на 4iG изјави дека веќе неколку месеци работат на подготовки и на воспоставување почетни партнерства на пазарот.

- Advertisement -

„Кога ќе ја добиеме лиценцата, ќе преминеме на интензивни инвестиции и подготовки за комерцијално лансирање“, изјави Заранди.

Унгарската групација 4iG засега е лидер на пазарот во Албанија, а активно работи и во Црна Гора. Има приходи од 1,8 милијарди евра и над 10 милиони корисници. Главната предност на 4iG, вели Заранди, е тоа што не е само телекомуникациска, туку е и ИТ ориентирана компанија, па може да ги прошири услугите на македонскиот пазар.

- Advertisement -

„Ќе донесеме нова конкуренција што ќе го стимулира дигиталниот екосистем. Ќе воспоставиме напредна 5G мрежа со голем капацитет. Тоа ќе придонесе за поголема конкуренција на мобилниот пазар, но и во доменот на фиксниот интернет, бидејќи 5G веќе може да се користи и како алтернатива за домашен интернет. Наш фокус ќе биде мобилната телекомуникација, но имаме и други области во кои се надеваме дека ќе бидеме активни и ќе поттикнеме раст и иновација“, додава Заранди.

Компанијата „Оне Македонија Телекомуникации“, основана од унгарската групација 4iG веќе поднесе писмо со намери за влез на македонскиот пазар и очекува дека најдоцна до крајот на летото ќе ги добие потребните лиценци за фреквенција.

- Advertisement -

Прелиминарната фаза во која компаниите доставуваа писма за покажување интерес за трет оператор на пазарот на мрежна мобилна телефонија во Македонија заврши пред неколку дена, а зависно од тоа дали има пријавени и други компании, ќе се знае и дали ќе биде распишан тендер со јавно наддавање.

Фото – Freerange Stock

Сподели!
- Advertisement -