Исак Мисини е политиколог по професија, но и млад иноватор кој стои зад една многу интересна идеја, паметен чадор, SunChaser. Овој чадор самиот го следи сонцето и се врти за да направи сенка, а воедно и произведува енергија преку фотоволтаичните панели вметнати во платното.
Исак посакува неговиот чадор да биде нова револуција на плажите, да го промени начинот на одмор и уживање, а истовремено да ги донесе и технолошките придобивки поблиску до летувачите на кои ќе им овозможи бесплатна енергија за полнење на електронските уреди.
Иако во моментов изработката на паметниот чадор е на самиот почеток, идејата на Исак е веќе препознаена и од неговите ментори, но и од потенцијални клиенти. Тој вели дека потенцијалните пазари се сите држави на Јадранскиот Брег, но и Катар, Емиратите и Соединетите Американски Држави.
Разговараше – Сања Наумовска
Исак, објасни ни ја идејата која стои зад SunChaser.
Во време во кое мнозинството претприемачи создаваат мобилни апликации или различни дигитални платформи можам да кажам дека SunChaser е меѓу ретките кои се занимава со физички продукт, и е истовремено многу едноставен за објаснување што е. SunChaser претставува плажен чадор кој го прати движењето на сонцето со што овозможува целодневна сенка за корисниците, и преку употреба на соларни панели создава струја со која корисникот може да си ги полни своите лични уреди директно од чадорот. SunChaser го замислувам да биде плажна револуција, целосна промена на начинот на кој го замислуваме одењето и одмарањето на плажа. Идејата е да се трансформираат плажите да бидат повеќе налик на полјани со сончогледи. Замислете само, стотици чадори на плажа кои се движат според сонцето унисоно. Од една страна е тоа уметнички подвиг, но од друга страна и функционален. Навистина сметам дека треба да има подобар начин на користење на лежалки и чадори во 2025 година, чадори кои со дизајнот се стари 4,000 години. Денес технологијата овозможува не само чадорот да го подобри искуството на своите корисници, туку тој и да не чини многу за тие кои сакаат да понудат поразлично искуство од вообичаеното.
Бранот на глобализација и добата на вештачката интелигенција дозволуваат навидум „луди“ идеи да се реализираат, но дава и можности тие идеи да ги реализираат луѓе кои можеби ја немаат потребната експертиза или предзнаење. SunChaser е производ на токму таквото размислување, и доказ дека во денешно време кога сите информации се на дофат нема изговор да не се трудиме да ги изреализираме нашите „луди“ идеи. Секој еден од нас има должност да ги искористи максимално можностите и привилегиите кои ги имаме за да можеме да вратиме кон општеството и придонесеме до општото добро. SunChaser е многу повеќе од паметен чадор, тој е една филозофија на истрајност и благодарност. Да, технологијата овозможува брз и динамичен модел на живеење, но никогаш да не заборавиме да одвоиме време за благодарност, за можностите и привилегиите кои ги имаме.

Како дојдовте на идеја да развивате паметен чадор?
На ист начин на кој сите доаѓаат до одредена идеја – воочен проблем или недостаток. Имав привилегија летото 2023 година да отидам на море за одмор. После турбулентни неколку години на Ковид со големо нетрпение го дочекав ова патување, наменето за целосен рестарт на физичкото и менталното здравје. Во потрага по таа цел деновите сакав да ми бидат исполнети со лежење и одморање покрај море на плажа. Еден ден многу ме изиритира нешто што забележив, во рок од 1 час пет пати бев принуден да станам од лежалката и да ја преместам бидејќи сонцето се преместило а со него и мојата сенка. Во тој момент си помислив дека мора да постои нешто пософистицирано од традиционалниот чадор. Сум бил и претходно на море, но не сум имал ваков еурека момент, претпоставувам дека исцрпеноста си го направи своето овој пат и придонесе да сум дополнително осетлив на овој мануелен начин на делување во контекст кој е наменет исклучиво за спротивното – релаксација. Првата идеја ми беше да се испрограмира чадорот да се позиционира во секој дел од денот на претходно искалкулирана позиција врз основа на податоците кои постојат за тоа сонцето на која позиција е во секоја минута во денот. Така се роди идејата за „паметен чадор“. Бргу дојдов до мојот прв концепциски предизвик, а тоа беше чим позиционирањето ќе биде предодредено, каква било промена во екстерните услови (некој го подбутне чадорот или го ротира малку на пр.) би значела погрешна траекторија на движењето на чадорот. Дополнително, бидејќи во различни региони од светот позицијата на сонцето за текот на денот е различна, тоа би подразбирало индивидуално програмирање на сите чадори врз основа на различни калкулации. Продолжив со размислување на дизајнот и концептот поаѓајќи од начелото дека едноставно е секогаш подобро. И така дојдов до мошне едноставниот и софистициран модел кој го имам денес, а тоа е просто чадорот преку сензор само да го прати движењето на сонцето. Тоа значеше дека не само што е загарантирана целодневна сенка за корисниците, туку сите чадори можат да бидат програмирани на ист начин а сепак на секое ќоше од Земјината топка да функционираат без потребни монтажи или интервенции, целосно отпорни на екстерни фактори.
Во која фаза е развојот во моментов?
Станува збор за релативно свежа идеја, која успеа во рок од 2 месеци брзо и успешно да ги помине фазите „докажување на концептот“ во која практично требаше да покажам дека чадор е способен да го следи сонцето и да произведува струја, и „прв прототип“ во кој концептот требаше да се пренесе на поголем размер. Имено, концептот го докажав користејќи играчка чадор додека првиот прототип го изградив користејќи традиционален плажен чадор . Следната фаза, во којашто и се наоѓа идејата, е фазата на минимално прифатлив продукт (MVP), кој би подразбирал прва верзија на продуктот. Под прва верзија вообичаено се мисли на груба верзија на замислениот продукт, односно верзија која не е совршена туку која ги исполнува минималните критериуми за да може да се продава на пазарот. Овде не мислам ексклузивно на правните критериуми како сертификации за безбедност, потекло и слично (кои се апсолутно примарни пред пласирање на физички продукт во контакт со потрошувачи), туку мислам и во поглед на самата функционалност на производот бидејќи ретко, ако воопшто било кога, се случува „од прва“ да се произведе беспрекорен производ (сетете се само на првата демонстрација на Сајбер џипот на Тесла – Cyber Truck). Значи моментално идејата се наоѓа во оваа MVP фаза каде што работиме пред сè на безбедносните аспекти на дизајнот бидејќи би прифатил утре да се расипе чадор и да прекине со пратење на сонцето, но не би прифатил некој/а да се повреди поради лошо смислен и изреализиран механизам. Двете функции на чадорот се осмислени и функционираат уште од првата фаза на идејата, во овие понапредни фази сега примарно посветуваме внимание на корисничкото искуство, тоа да биде безбедно и интуитивно.
Кои се паметните функции на чадорот и како ќе може да се користи?
Чадорот сакав да има две базични функции. Пратење на движењето на сонцето и производство на електрична енергија односно полнење на електронски уреди од самиот чадор. Првата е според мене најважна, а втората се покажа како поатрактивна. Најважна велам бидејќи токму од таму произлезе идејата, од мојата интрига од чадор кој се само-позиционира. Само-позиционирањето е во релација со положбата на сонцето, тоа подразбира автоматско движење на чадорот на две оски: т.н. инклинација на сонцето (оска север-југ) и оската исток-запад. Користењето на чадорот е наменето да биде интуитивно и без напор за корисникот. Тоа подразбира дека кога со клучот/картичката која сте ја добиле за отклучување на хотелската соба ќе допрете на чадорот истиот автоматски ќе се отвори, ќе се сврти директно кон сонцето и потоа ќе го следи или додека не зајде или не допрете повторно со клучот/картичката при што чадорот автоматски ќе се затвори. Минимален труд од страна на корисникот! Ова е навистина голема промена од сегашниот начин на користење на плажни чадори при што секои 15-тина минути лежалката мора мануелно да се поместува во релација со сонцето и чадорот доколку сенка е посакувана. Моментот на користење на хотелскиот клуч за отпочнување на работата на чадорот (т.н. RFID технологија) е додадена вредност за сопствениците на плажите во поглед на ексклузивност, безбедност и сигурност со тоа што практично имаат гаранција дека само нивните гости (подеднакво важи и доколку станува збор за хотел, ресторан, само плажа итн.) ќе имаат пристап да ги користат овие (односно нивните) чадори. Втората функција, која се покажа како поатрактивна при моето истражување на потребите на пазарот, е можноста корисниците да си ги полнат своите лични уреди (телефон, лаптоп, мини-фрижидер и сл.) додека се на плажа, директно од чадорот, притоа користејќи струја која е произведена од обновлив извор на енергија. Струјата се произведува преку фотоволтаични панели (колоквијално соларни панели) кои се вградени (вшиени) во ткаенината на кровот на чадорот. Дополнително, ова гарантира само-одржливост на механизмот (кој секако консумира струја) и капацитет за ефективно полнење на уредите. Самото полнење е едноставно, преку можност за приклучување на најновите и најкористените видови на USB кабли во стеблото од чадорот.
Кои се таргет пазарите за ваков тип на продукт?
Тешко е баш ваков производ да го сместите во една категорија, бидејќи опфаќа повеќе индустрии по самата природа на плажниот чадор. Од една страна тој спаѓа во надворешна опрема за засенчување но исто така поради употребата опфаќа и делови на туризмот и угостителството. Се подразбира дека овие категории се многу опширни и дека не може да се воопштува за широкиот дијапазон на продукти кои можат да бидат опфатени во нив. Во поглед на паметниот плажен чадор, самото име ни вели дека се потребни плажи. Потребно е секако да се стесни кругот на пазари од широката формулација на „места со плажи“ и да се адаптира на реалните околности кои зависат од случај до случај. Во мојот случај, јас сум роден во Македонија, мала земја која генерално, освен два три мали градови со пристап до езера, е копнена. Значи таа не може да ми биде мене пазар. Потоа, околностите ми овозможија да соработувам со универзитет од Пиран и ментор од Љубљана па затоа Словенија и своето крајбрежје е логичен избор како таргетиран пазар. Следно, лични контакти ме насочија кон Албанија и таму го добив мојот прв заинтересиран клиент. Како една од најголемите туристички дестинации на Балканот е Хрватска, земја која во последните години е сè повеќе населена со работна сила од Македонија токму во секторот на туризам и угостителство, што ми дава простор за наоѓање лични контакти во крајбрежје со практично неограничен број на хотели, ресторани и слично. Со Црна Гора е слично рациото. Со Хрватска и Црна Гора дополнителна вредност е јазикот, тоа што нема голема лингвистичка препрека во комуникацијата помеѓу мене и нив. Учествувањето во Имам Идеја 2 од Стартап клуб Скопје и добивањето стипендија за студирање во Америка ми ги отворија вратите за тој пазар, кој е секако соодветен за ваков тип производи. Станува збор за луксузен производ кој, иако што е ценовно поконкурентен од што било друго на пазарот, е сепак поскап од традиционалните плажни чадори кои многу мали и средни бизниси можат само нив, финансиски, да си ги дозволат. Тие можеби и не би требало да бидат предмет на внимание за ваков тип производи. Тоа што сакам да кажам е дека таргет пазар исто така многу зависи и од куповната моќ на нивните бизниси или потрошувачи. Јас наброив цели држави, додека таргет пазарот и својот идеален потрошувач треба многу подетално и попрецизно да се одреди. Доколку исто станува збор за продукт како мојот, треба да се одреди дали ќе се обраќате можеби само на 5 звездени хотели, или сопственици на луксузни јахти, можеби ќе решите дека за вашиот производ треба да одите со продажба на потрошувачи директно а не на бизниси, или пак нешто друго, но во секој случај тоа нешто треба да е многу прецизно одредено и базирано на реалната состојба со која се соочувате. Значи, одредување на таргет пазарот зависи пред сè, според мене, од картите кои ви се доделени при раѓање, потоа од животни околности, а на крај од бизнис логика. Доколку бев роден во Сингапур, немаше јас да размислувам најверојатно прв пазар да ми биде Словенија, туку географската проксималност до Словенија заедно со можноста да отидам таму да соработувам со врвни експерти ме доведе да тоа ми е прв пазар.
Кои се најголемите предизвици за стартапите кои сакаат да промовираат нова идеја на пазарот?
Од лично искуство, со еден збор, најголемиот проблем е реализацијата. Овде пред сѐ зборувам за лична одговорност и посветеност, не за екстерни фактори. Тоа го истакнувам на почеток бидејќи колку што може личната прокрастинација да спречи нова идеја да достигне големи успеси на пазар не може ниту еден друг, екстерен, фактор. Сосема земајќи предвид дека постои плејада на сериозни екстерни фактори. Во тој поглед, има одредени предизвици со кои секој стартап ќе се соочи, секогаш, и секаде. Еден од најголемите, и најитните за решавање за секој стартап е наоѓањето соодветност помеѓу производот (или услугата) и пазарот (т.н. product market fit). Јас овaа соодветност ја разбирам како рецепт кој се состои од: решавање на реален проблем со кој се соочува одредена популација (ова подразбира најпрвин да се идентификуваат нивните проблеми); тој проблем да се реши на прифатлив начин за популацијата (ценовната политика и квалитетот на производот/услугата се тука критични); и проактивност односно адаптабилност (т.н. итерирање, воочување дали нешто функционира кај купувачите или не, и користејќи ги тие повратни информации како водич за понатамошното моделирање на бизнисот). Како што може да се заклучи од сѐ ова, предизвиците можат да се надминат исклучиво со многу истражување и директни разговори со својот идеален купувач (т.н. ideal customer persona). И всушност, тоа што го споменав на почетокот е тоа што ќе биде доволно за да се надминат сите тешкотии и ќе го забрза моментумот до пронаоѓањето на соодветност помеѓу производот и пазарот, а тоа е личната ангажираност и борбата против прокрастинацијата. Истражување, вмрежување, презентирање, преземање ризици, сѐ се тоа карактеристики на претприемачи кои според мене гарантираат успех. Крајно, особено релевантен за стартапите кои се занимаваат со физички продукт е фактот што сѐ оди поспоро отколку кај тие стартапи кои се услужни. Тие имаат предност што немаат трошоци за производство и транспорт. Но ова не треба да ги обесхрабри тие кои сакаат да создадат некој производ, иако што е можеби потежок патот, тоа само значи дека задоволството ќе е поголемо на крај.

Какви се вашите планови за во иднина, поврзани со паметниот чадор, но и генерално?
Со оглед на тоа што во овој краток временски период наидовме на многу позитивни мислења за оваа идеја, неколку заинтересирани инвеститори и еден договорен клиент планот е да се продолжи со досегашната работа и понатаму, изработка на првите MVP верзии на производот и постојана надоградба на дизајнот врз основа на повратните информации кои ќе ги добиеме од нашите клиенти и корисници. Мене лично истовремено со профитниот ме интересира и академскиот сектор, па така патот ме носи на постдипломски студии во Соединетите Американски Држави каде паралелно со студиите ќе работам и на пенетрирање на тој пазар за паметниот чадор. Американскиот пазар патем е меѓу најпогодните за ваков тип на производ, кој е комбинација на луксуз, автоматизација и комфор. Во САД веќе познавам двајца инвеститори и претприемачи со долгогодишни искуства во стартап светот (нив ги запознав преку програмата Имам Идеја 2 на Стартап клуб Скопје каде имав и прилика да зборувам тет-а-тет со нив за мојата идеја) така што планот најпрвин е вмрежување во нивниот претприемачки екосистем па потоа разгледување можности за проширување на соработката. Нашата траекторија е поставена, а тоа се две години на продажби директно на други бизниси (хотели, ресторани и слично, односно продажба бизнис на бизнис) и потоа создавање на нов модел на паметниот чадор кој би бил наменет директно за потрошувачите (продажба тип бизнис на потрошувач). Разликата би била што за потрошувачите тој модел би сакал да биде полесен, лесен за транспортирање, монтирање и демонтирање, и компактен. Иницијално сакам да се опфати Јадранскиот Брег (Словенија, Хрватска, Албанија, и Црна Гора) па потоа планирано е проширување во Катар, Емиратите, и Соединетите Американски Држави како поголеми пазари. Базата за проширување во САД ќе ја поставам сега за време на студиите, додека за Катар имав прилика да зборувам директно со инвеститори од таму претходниот месец кои ми го потврдија сомнежот дека таму би бил голем интересот за ваков производ.

Како ти како млад политиколог се најде во светот на стартапите?
Јас неодамна наполнив 24 години и сум дипломиран политиколог во полето на меѓународните односи и дипломатијата. Дипломирав како студент на генерација (со највисок просек) на Универзитетот Американ колеџ Скопје. Немам техничка заднина иако предметот на мојот стартап сугерира поинаку. Мојот успех да го докажам концептот и создадам првиот функционален прототип без притоа да имам претходно техничко познавање во програмирање, електрично и машинско инжењерство бил и сè уште е многу вреднуван, од страна на инвеститори особено. Тоа е само уште еден доказ дека живееме во добата кога сите информации ни се на дофат, и дека само недостаток на желба и посветеност може да не спречи да оствариме некоја цел. Низ целиот процес на идејата ја имав непроценливата поддршка на Марко Маткович, професор и истражувач на еден од најпрестижните научни институти во Југоисточна Европа – Јозеф Штефан институтот од Љубљана. Инаку доктор на инжењерските науки, Марко беше навистина пример за ментор. Секогаш беше на располагање доколку ми беше потребно водење поради моите јазови во знаењето, но не сакаше наместо мене да ја заврши работата, ме буткаше јас да излезам од мојата комфор зона и поради него денес можам да се пофалам дека без претходно техничко образование изградив автоматизиран паметен чадор со поврзани фотоволтаични панели на себе. Со Марко сè уште соработуваме, тој ми помага да го усовршам мојот производ но и служи како гласник за производот во Словенија, од каде што е тој.
Секој трнлив пат е полесен кога некој пред тебе малку го подрасчистил, па така и искуството мое како претприемач немаше да биде толку пријатно без одредени личности кои не само што веруваа во мојата идеја, туку со своето искуство и пријатна енергија имаа придонес поголем отколку што можеби тие знаат. Огромна благодарност срдечно испраќам до, и секој иден претприемач го советувам да учи од: Аленка со тимот од ЕМУНИ универзитетот во Пиран, мојот ментор Марко Маткович од Љубљана, Кристијан и Нина од Бизнис импакт лаб, Елена од CEED како и клубот на бизнис ангели, и секако Сашо и целиот феноменален тим на Стартап клуб Скопје. Немаше да бидам во позиција да го давам ова интервју и да се наречам претприемач без сите нив.
Мојот следен предизвик се постдипломски студии на универзитет кој се наоѓа помеѓу првите 100 во светот во САД, каде што целам повторно да завршам како студент на генерацијата како што бев на додипломски. По завршување на постдипломските студии во некој момент јас лично би сакал да одработам докторска дисертација за да можам сето мое искуство да го пренесам на идните генерации преку вршење на професорската функција. А како зенитна цел во живот ми е да еден ден можам да инвестирам во или создадам (пред сè секако да вратам во стартап екосистемот на Македонија) истражувачко-медицинска установа која ќе работи на рано откривање на мозочни аневризми – медицинска состојба која непредвидливо ја одзеде мојата мајка.