Темата за платите е една од клучните теми на денешницата, а се повеќе граѓани од регионот се одлучуваат да заминат во странство во потрага по подобри услови за работа и повисоки примања. Меѓу европските земји кои често се нарекуваат „ветени“, Швајцарија е во водство, како по висината на платите, така и според побарувачката на работници.
Според истражувањето на Ринговер, Швајцарија има највисока просечна плата во светот, која изнесува 131.461 американски долари годишно или нешто повеќе од 115.000 евра. Ова е дури 100,1% повеќе од глобалниот просек.
Во анализата на платите во 30 различни професии Швајцарија не е прва во само три случаи – кај лекарите, застапниците за продажба и физиотерапевтите. Во сите други професии бележи највисоки просечни плати.
Ова високо ниво на плати е резултат на комбинација од неколку фактори: политичка стабилност, силна економија, високо ниво на образование и многу ниска стапка на невработеност.
Сепак, животот во Швајцарија има своја цена. Возрасен човек во таа земја троши од 3.200 до 5.350 евра месечно, во што се вклучени домувањето, комуналните услуги, храната и транспортот. Со други зборови, платите се високи, но и трошоците за живот се меѓу највисоките во Европа.
На листата со десет земји со највисоки просечни годишни плати после Швајцарија се: Луксембург, САД, Данска, Исланд, Австралија, Белгија, Обединетото Кралство, Обединетите Арапски Емирати и Германија.
(Bizlife)
(фото: Flickr)