Младински форум за економска демократија и сопственост од страна на вработените

- Advertisement -

На 19 јуни 2025 година (четврток), во просториите на Europe House Skopje, ќе се одржи Младинскиот форум за економска демократија и сопственост од страна на вработените, отворен за сите заинтересирани за економска правда, фер работни односи и демократско учество во бизнисот.

Настанот го организираат Здружението АРНО од Македонија и Институтот за економска демократија од Словенија, кој важи за водечка институција во регионот во истражување и промоција на модели како што е ESOP – Employee Stock Ownership Plan, форма на сопственост каде вработените имаат удел во компаниите и право на одлучување. Форумот ќе стави фокус на прашања како: дали е можно вработените да бидат и сопственици, каква работна култура посакуваат младите и како изгледа економијата доколку се води според принципите на демократија.

- Advertisement -

Посебно внимание привлекуваат говорниците на настанот, меѓу кои и Себастјан Пикл од Институтот за економска демократија од Словенија.

„Работничкото ко-сопствеништво не е утопија, туку реалност која успешно функционира во развиените економии. Во САД, преку ESOP модели, над 14,7 милиони работници се ко-сопственици, додека во Обединетото Кралство постојат речиси 2.000 компании со ваква структура. Словенија наскоро ќе го усвои Законот за работнички сопственички задруги, кој ќе го олесни преносот на сопственоста во малите и средни претпријатија, особено во услови на наследствена криза – 40% од сопствениците ќе пренесуваат сопственост во следните десет години, а 66% немаат наследствен план. Горд сум што го носиме ова искуство во Скопје и заедно со АРНО отвораме нов простор за идеи за иднината на трудот и сопственоста,“ изјави Себастјан Пикл од Институтот за економска демократија од Словенија.

- Advertisement -

„Во регионот, кога зборуваме за социјално претприемништво, најчесто се фокусираме на реинвестицијата на профитот, но многу малку зборуваме за тоа кој управува и носи одлуки. Со овој проект, АРНО сака да ја отвори и таа тема и да им помогне на социјалните претпријатија да изградат фер и одржливи управувачки структури. Интересно е што во моментов моделот кај нас најмногу ги привлече ИТ стартапите, кои имаат поголеми приливи на пари и најчесто се тимови на пријатели што бараат начин како да направат структура фер за сите“, вели Стефани Пренкова  од АРНО.

На панелите ќе учествуваат и еминентни говорници од Македонија, меѓу кои професори, активисти, правници, пратеници и претставници на бизнис заедницата (целосна агенда може да се погледне овде). Настанот е бесплатен, а за сите учесници кои патуваат надвор од Скопје е обезбедено покривање на патни трошоци. Работниот јазик е англиски, а местата се ограничени.

- Advertisement -

Регистрацијата за учество е отворена преку следниот линк: https://docs.google.com/forms/d/1k7VE8gzUzKWw2kmO44C8LmB8CtWvj2d844PStD8G0k8/edit?ts=6825d428.

Форумот е организиран како дел од проектот „Обликување на иднината на трудот: младинска демократска работна средина за општествени промени“, кој е финансиран од Програмата Еразмус+ на Европската Унија. Во рамките на овој проект се развиваат активности и ресурси со цел промовирање на модели за демократско управување и социјални иновации.

Сподели!
- Advertisement -