Претседателот Доналд Трамп во вторник вечерта објави долгоочекуван трговски договор со Јапонија, рамка меѓу сојузниците и главните трговски партнери што изгледаше недостижна пред само неколку недели.
„Тукушто го потпишав најголемиот трговски договор во историјата; мислам дека тоа може да биде најголемиот трговски договор во историјата со Јапонија“, рече Трамп за време на приемот со републиканските членови на Конгресот во вторник вечерта.
Според договорот, американските увозници ќе плаќаат „реципрочни“ царини од 15 проценти за јапонска стока извезена во Соединетите Држави. Но, важно за Јапонија, стапката од 15 проценти ќе се прошири на автомобили и автоделови – ставајќи ја во предност во однос на другите големи извозници на возила, кои се соочуваат со царина од 25 проценти за извозот на автомобилскиот сектор од април.
Јапонија, исто така, ќе инвестира 550 милијарди долари во Соединетите Држави, рече Трамп, додавајќи дека САД „ќе добијат 90 проценти од профитот“.
„Овој договор ќе создаде стотици илјади работни места – никогаш не постоело нешто слично. Можеби најважно е што Јапонија ќе ја отвори својата земја за трговија, вклучувајќи автомобили и камиони, ориз и одредени други земјоделски производи и други работи. Јапонија ќе плаќа реципрочни царини на Соединетите Држави од 15 проценти“, објави Трамп претходно на Truth Social, објави CNN.
„Мисијата е исполнета“, рече јапонскиот преговарач за царини Рјосеи Аказава во објава на Платформа X, придружена со фотографија од него во Белата куќа како покажува кон слика од Трамп и јапонскиот премиер Шигеру Ишиба од претходните разговори.
Јапонија е „првата во светот што може да ги намали царините за автомобили и автоделови без ограничувања на обемот“, им рече Аказава на новинарите во Вашингтон во вторник вечерта.
Во Токио, Ишиба го поздрави договорот како „најниска бројка досега за земја што има трговски суфицит со САД“, додавајќи дека владата „внимателно“ ќе ги испита деталите од договорот.
„Веруваме дека ова ќе придонесе за создавање работни места, производство на добри производи и исполнување на различни улоги во светот преку меѓусебна соработка меѓу Јапонија и САД“, им рече тој на новинарите во својата канцеларија во среда.
Аказава објасни дека инјекцијата од 550 милијарди долари на Јапонија во САД ќе биде во форма на акции и заеми за поддршка на инвестиции од јапонски компании во клучни области како што се фармацевтската индустрија и полупроводниците.
Фото – Audalia