Кинескиот хуманоиден робот Xueba 01 е примен на четиригодишна докторска програма по драма и филм на Шангајската академија за драмски уметности, што предизвика реакции на социјалните медиуми.
Роботот го направи компанијата DroidUp Robotics во соработка со Универзитетот за наука и технологија во Шангај. Висок е 1,75 метри, тежи 30 килограми и е способен за физичка интеракција со луѓе. Неговото име е кинески термин за исклучително вреден и успешен студент.
Има изглед сличен на човек, силиконска кожа, експресивни изрази на лицето и зборува мандарински. За време на Светската конференција за вештачка интелигенција роботот беше формално запишан на докторски студии, со фокус на кинеската опера. Ќе биде вклучен во часови, ќе учествува на проби и ќе ја пишува својата докторска теза, а негов ментор е професорот Јанг Чингкинг.
Кога роботот изведуваше движење од Пекиншката опера, студентите спонтано го имитираа, во она што професорот го опиша како „естетска размена помеѓу човек и машина“.
Иако неговите реатори го нарекуваат „уметник со вештачка интелигенција“, некои во јавноста се скептични дека роботот може да ја пренесе емоционалната длабочина и експресивност што ги бара традиционалната опера. Некои, исто така, се прашуваат дали вреди да се инвестира во робот кога уметниците од реалниот живот едвај врзуваат крај со крај со скромни плати.
(Bizlife)
(Facebook)