Научниците за прв пат ја намалија генетската азбука на животот на само 57 кодони, создавајќи синтетичка бактерија со најизменет геном на Земјата.
Кодоните се основните единици на генетскиот код и дејствуваат како „зборови“ во „генетски јазик“ што рибозомите го „читаат“ за да состават протеински синџири. Кодонот е низа од три нуклеотиди што се наоѓаат на молекулата на информативна РНК (mRNA). Тој ја специфицира позицијата на одредена аминокиселина во процесот на синтеза на протеини во клетката, со што дејствува како единица на генетско кодирање. Овие нуклеотиди се последователни, а секој триплет на нуклеотиди транскрибирани од ДНК во информативна РНК се нарекува кодон и ја претставува основната единица на генетскиот код.
Достигнувањето е резултат од истражувањето на научниците во Советот за медицински истражувања, Лабораторијата за молекуларна биологија (MRC LMB) во Обединетото Кралство. Нивниот синтетички сој, наречен Escherichia coli Syn57, е конструиран да функционира користејќи само 57 од стандардните 64 кодони што нормално го регулираат целиот живот.
Во природните организми 64 кодони содржат инструкции за склопување на 20 аминокиселини во протеини. Бидејќи многу кодони се преклопуваат во функцијата, секогаш има вишок во системот. Syn57 отстранува некои од овие дупликати, соборувајќи го претходниот рекорд од 61 кодон.
За да се постигне ова намалување, британските научници отстранија четири од шесте кодони за аминокиселината серин, два од четирите за аминокиселината аланин и еден стоп кодон. Каде и да се појавеле, тие биле заменети со синонимни кодони. Ова значи повеќе од 101.000 планирани промени, дизајнирани од компјутер во фрагменти од 100 килобајти пред да се склопат во целиот геном.
Фрагментите биле внимателно тестирани во живи бактерии за да се избегнат фатални грешки, а потоа комбинирани во конечниот синтетички организам.
Тимот на MRC LMB нагласи во соопштение дека Syn57 има повеќе простор за воведување на дополнителни неканонски аминокиселини, што обезбедува поголеми можности за понатамошно проширување на генетскиот код. Ова ќе им овозможи на научниците да развијат иновативни синтетички полимери и макроцикли.
Syn57 би можел да биде отпорен и на вирусни инфекции, бидејќи неговиот изменет код би бил нечитлив од вирусите кои го киднапираат производството на клеточни протеини..
(Zimo)