Германија моментално има повеќе од милион отворени работни места, Велика Британија има околу 780.000, додека Франција бара над половина милион работници. И покрај високата невработеност во ЕУ, има работни места, но нема кој да ги пополни.
Според Евростат, во вториот квартал од 2025 година дури 2,1% од сите работни места во ЕУ останале непополнети. Ова значи дека работодавците низ Европа активно бараат работници, но не можат да ги најдат, објавува Euronews Business.
Земјите со најмногу слободни работни места се:
Германија – 1,05 милиони
Велика Британија – 781.000
Франција – 504.000
Холандија – 400.000
Меѓу поголемите земји, Италија има пониска стапка од просекот со 1,7%, додека на другиот крај од листата се Романија (0,6%) и Шпанија и Полска со само 0,8% слободни работни места.
Интересно е што земји како Шпанија истовремено доживуваат голем број имигранти (над 1,2 милиони во 2023 година), додека има многу помалку отворени работни места отколку во Германија. Ова покажува колку се различни пазарите на трудот и дека бројот на отворени работни места не е секогаш во согласност со трендовите на миграција.
Проблемот не е само бројот на работници, туку и недостатокот на вештини. Според студијата на ManpowerGroup, дури 75% од европските работодавци тврдат дека не можат да најдат вработени со соодветни квалификации, што е огромен скок во споредба со пред само пет години.
Најголемиот проблем со недостатокот на персонал е во северните и во западните земји на Европа, додека во источните и јужните делови побарувачката за работници не е толку изразена. Европската комисија воведува нови политики за вработување, но податоците јасно велат: има работни места во Европа, но нема работници – или барем нема такви со потребните знаења и вештини.
(Bizlife)