Македонија пет години го одложува законот за климатска акција, иако е главна алатка за борба со климатските промени

- Advertisement -

Во последните пет години државата нема податоци за емисии на стакленички гасови, што не е добра основа за креирањето на политиките и управувањето со климатските промени

Македонија нема закон за климатска акција, ниту, пак, Национален план за адаптација на климатските промени, не се знае колкави се емисиите на стакленички гасови, ниту пак какви се ефектите од мерките кои досега ги предвидела државата. Институциите се некоординирани во активностите за заштита од климатските промени, и иако земјата е во групата на сериозно ранливи општества, на кои промените во климата им влијаат во многу сектори, сепак нивниот одговор на заканите не е соодветен, констатира Државниот завод за ревизија (ДЗР).

- Advertisement -

Државата, поради слабите административни капацитети, не може да го одржува и ажурира ниту Националниот инвентар на стакленички гасови, кој со помош на меѓународни проекти последен пат е изработен во 2019 година. Во последните пет години државата нема податоци за емисии на стакленички гасови, што не е добра основа за креирањето на политиките и управувањето со климатските промени.

Во извештајот на ДЗР се констатира дека постојното законодавство од областа на животната средина регулира одредени прашања поврзани со климатските промени, но тоа не е доволно да се воспостави систем со кој државата ќе управува со климатските промени. ДЗР посочува дека заради оддолжувањето на донесувањето на законот за климатска акција повеќе од пет години, државата нема систем, координација и комуникација помеѓу институциите кои се вклучени во процесот на климатски промени.

- Advertisement -

„Со ревидираниот Национален придонес, државата се обврзала до 2030 година да ги намали нето емисиите на стакленички гасови за 82 отсто во однос на 1990 година, додека според официјалните податоци од Инвентарот на стакленички гасови, во 2019 година вкупните емисии на стакленички гасови се намалени за 9,2 отсто во споредба со 1990 година. Бидејќи нема нови податоци во инвентарот, ниту пак министерството за животна средина има механизми за мониторинг, не може да се направи проценка на релевантноста и ефектите од мерките кои се употребуваат за да се постигне поставената цел до 2030 година“, пишува во ревизорскиот извештај.

Македонија донесе Долгорочна стратегија за климатска акција 2020 – 2050 година, со која се обврза да ги намали нето емисиите на стакленички гасови, без вклучени МЕМО емисии, за 72 отсто во однос на 1990 година, но не утврди нето нула емисии за целосна климатска неутралност, со што не ги исполни обврските со Европскиот зелен договор.

- Advertisement -

Државата нема Национален план за адаптација на климатските промени, но дел од секторските стратегии предвидуваат мерки и политики за адаптација. Поради тоа што нема механизми за следење на реализацијата на овие политики и мерки, не може да се потврди дали даваат резултати и дали се соодветни за постигнување на поставените цели со ревидираниот Национален придонес.

Врз основа на фактите кои ги содржи извештајот, од Државниот завод за ревизија препорачуваат дека  земјава мора да ги донесе Законот за климатска акција и Националниот план за адаптација и да ги притисне сите кои се должни да ги доставуваат податоците за емисии на стакленички гасови да го направат тоа и да се ажурира Инвентарот.

„Да се изврши ревизија на Долгорочната стратегија за климатска акција и ревидираниот придонес во однос на целите за намалување на стакленичките гасови за да се постигне климатска неутралност до 2050 година и постигнување на целите од меѓународните договори. Исто треба да се воспостави мониторинг и известување за реализацијата на мерките и активностите утврдени со Акцискиот план на Националниот план за климатски промени“, стои во извештајот на ДЗР.

(Meта)

Фото – Pixabay

Сподели!
- Advertisement -