Виенската енергетска компанија Wien Energie и нафтената компанија OMV започнаа проект за длабинско дупчење во Виена со цел сите граѓани да се префрлат на еколошк прифатливо греење до 2040 година.
По успешното завршување на работите ќе започне тест-фазата на пумпање топла вода од длабочина од 3.000 метри.
Водата ќе биде тестирана за да се утврди нејзината температура, хемиски состав и количина, а доколку тестовите бидат успешни, планот е да се загреат дури 20.000 домаќинства со геотермална енергија од 2028 година.
Членот на градската влада Ули Зима нагласува дека овој проект „го прави централното греење одржливо чекор по чекор“.
По тестот за пумпање, во текот на зимата 2025/26 година ќе следи пробна работа во затворен циклус, каде што водата истовремено ќе се пумпа и ќе се враќа под земја. После тоа ќе започне изградбата на електраната.
Раководителите на Wien Energie и нафтената компанија OMV велат дека планот е да се обезбеди одржливо греење за до 200.000 домаќинства до 2040 година преку повеќе постројки. Компаниите планираат до седум геотермални проекти на различни локации во Виена.
(Kamatica)