Здружението „Вина од Македонија“, во кое членуваат најголемите производители и извозници на македонско вино, упатува апел до сите политички партии и останати чинители во изборниот процес, да не ги злоупотребуваат лозарите, винарниците и темите поврзани со состојбите во лозарството и домашната винска индустрија, како начин за привлекување гласачи.
Последниот ваков пример доаѓа од опозициската партија СДСМ, која токму во предизборниот период најави дека по скратена постапка ќе предложи измени на Законот за вино, чија единствената цел е да се изврши дополнителен притисок врз државата и винарниците да дадат уште повеќе пари за откуп на грозјето, без да се води сметка за тоа дали за ваквото барање има реална основа и дали тоа се темели на пазарна логика.
Опозициската партија најавува дека ќе бара и укинување на законската одредба која им дава можност на откупувачите да добијат 8% попуст при авансно плаќање на откупеното грозје, иако истата беше донесена во мандатот на претходната влада во која оваа партија учествуваше. Инаку, одобрувањето на попуст за авансно плаќање е општо прифатено во бизнисот ширум светот и претставува економски рационален механизам за стимулирање предвремени плаќања а кај нас се опциони.
Што се однесува до методологијата за формирање на цените и начинот на исплата на откупеното грозје, кои се дефинирани во постојниот Закон за вино, здружението „Вина од Македонија“ веќе иницираше измени на овој Закон, со цел бришење на овие одредби кои се спротивни на Уставот и ги задушуваат претприемништвото и пазарната економија.
Здружението потенцира дека секое непазарно и административно определување на цените на грозјето доведува до значително зголемување на трошоците на винарниците, а со тоа и на продажните цени на македонското вино, со што тоа станува неконкурентно на пазарите каде се извезува. Со ваквиот пристап постои ризик од губење на клучни извозни пазари и пропаѓање на домашните винарници.
Единствен начин како да се спречи ова натамошното финансиско исцрпување на македонските винарници е цената на грозјето, наместо со закон, да се утврдува помеѓу производителите на грозје и вино, според пазарни механизми на понуда и побарувачка и показатели кои се применуваат секаде во светот, како што се: приносот, квалитетот и географската ознака. Само на таков начин, ќе се овозможи одржување на конкурентноста на македонските вина на странските пазари, зголемени инвестиции во квалитетно производство и исплата на повисоки цени за грозјето за оние лозари кои нудат повисок квалитет.
Здружението „Вина од Македонија“ смета дека наместо фокусот да биде ставен на манипулативни предлози кои имаат краткорочен политички ефект, дебатата треба да се насочи кон системски прашања од суштинско значење за иднината на македонското лозарство и винската индустрија, како што се:
- Воведување и почитување на светските стандарди и практики во лозарството кои треба да обезбедат повисок квалитет на грозјето и виното;
- Вложувања во модернизација на лозарството преку набавка на соодветна механизација, окрупнување на земјиштето и воведување географски ознаки, со кои ќе овозможи намалување на трошоците за производство на грозје;
- Поддршка за винарници што вложуваат во производство на квалитетни вина со контролирано и гарантирано потекло, напредни технологии и одржлив развој;
- Стимулирање на извозот на вино, по примерот на успешните вински земји, со што ќе се зголеми извозот и позиционирање на македонското вино на глобалната винска мапа, што ќе донесе трговска размена и поголем девизен прилив и следствено ќе донесе повисоки цени за грозјето.
Светската винска индустрија доживува криза која се манифестира со намалување на производството на вино и напуштање на лозовите насади во некои од водечките вински земји како Франција. Во вакви услови, успеваат само земјите кои имаат добра стратегија и визија за одржлив развој, ја следат пазарната логика и водат разумни политики.
Квалитетното македонско вино е еден од ретките домашни призводи со додадена вредност и вистински амбасадор на нашата земја. Затоа заслужува да му се посвети вистинско внимание и да се избере соодветен пристап со кој ќе се ослободи неговиот потенцијал за натамошен раст и развој.