Аликацијата „Регистар на лекови” на Ѓорѓи Димески обезбедува податоци на македонски јазик за сите лекови што се продаваат во аптеките!

- Advertisement -

Ѓорѓи Димески е софтверски инженер со искуство во развојот на серверски, веб и мобилни апликации, кој е креатор на една специфична апликација „Регистар на лекови”. Тоа е решение кое им овозможува на корисниците брзо и лесно да пребаруваат на македонски јазик лекови и аптеки во Македонија. Наменета е пред се за медицинските лица кои се соочуваат со недостаток на вакви апликации за нивната работа, особено на македонски јазик, но може да ја користи секој што има потреба од информација за на лекови, нивни активни состојки, производители, упатства за користење…

Димески вели дека планира проширување на можностите на апликацијата со информации кои лекови во кои аптеки се достапни, што ќе ја направи апликацијата уште покорисна бидејќи ќе им помогне на граѓаните да ја најдат точната аптека која ги има лековите кои им се потребни.

- Advertisement -

Новинар- Сања Наумовска

Кажи ни нешто подетално за каква апликација се работи?

- Advertisement -

Апликацијата „Регистар на лекови” е мобилно решение кое им овозможува на корисниците брзо и лесно да пребаруваат лекови и аптеки во Македонија. Таа е дизајнирана да обезбеди точни и ажурирани информации на корисниците, без потреба од користење на застарени или странски апликации.

Апликацијата ги содржи сите податоци од официјалниот македонски регистар на лекови, вклучувајќи имиња на лекови, активни состојки, производител, упатства, извештаи итн. Освен тоа содржи и податоци за аптеки – адреса, контакт информации како телефон, е-пошта, и вработени во аптеката.

- Advertisement -

Пребарувањето е едноставно и брзо, а корисниците можат да ги добијат резултатите по различни критериуми како што се име на лек, активна состојка, или производител. Сето ова е на македонски јазик, што ја прави апликацијата многу полесна за користење отколку странските алтернативи.

Со оваа апликација, сакам да го подобрам пристапот до податоци од регистарот за сите во Македонија, особено за медицинските лица кои се соочуваат со недостаток на вакви апликации за нивната работа.

Апликацијата е достапна за Андроид уреди на оваа врска: https://play.google.com/store/apps/details?id=com.dimeskigj.drugregistry.flutter_drug_registry

Која беше твојата мотивација за да креираш ваков тип алатка?

Идејата се роди како проектна задача за на факултет пред неколку години. Во склоп на предмет за мобилни апликации требаше да направиме целосна апликација – јас сакав да е нешто поразлично и корисно, а не само за факултетска вежба. Барајќи идеја за темата, сфатив дека во Македонија не постои мобилна апликација за регистарот на лекови.

Медицинските лица користеа странски апликации кои не се многу прилагодени на македонските услови и не се на македонски јазик. Ова значеше дека податоците што ги користат често не се најрелевантни или точни за Македонија. Министерството за здравство ја одржува својата онлајн платформа, но таа има сериозни недостатоци, особено ако се користи од мобилен телефон. Таа е лошо дизајнирана, бавна и често недостапна.

Кога започнав да работам на оваа апликација, сакав да создадам нешто што ќе го олесни пристапот до ваквите податоци, и тоа на начин што е подобар од тековните решенија. Тогаш, целта беше да се создаде апликација која е лесна за користење, стабилна и која ќе може да се користи насекаде. Од факултетски проект, прерасна во мој дипломски труд за на крај да ја преработам уште еднаш во крајната верзија.

Каков тип на податоци содржи апликацијата?

Апликацијата содржи широк спектар на податоци кои се однесуваат на лековите што се регистрирани во Македонија. Тие вклучуваат основни информации како што се имињата на лековите, нивните активни состојки, производителите. Освен тоа, може да се добијат збирните извештаи на лековите како и упатства за користење како PDF документи. Овие податоци се важни за сите, но особено за медицинските лица кои често се соочуваат со потреба да добијат точни информации за лековите.

Дополнително, апликацијата ги вклучува и податоците за аптеките како адресата, местото, фармацевтите, техничарите кои што работат во аптеката, и контакт информации како е-пошта и телефонски број.

Со оваа апликација, корисниците имаат брз и лесен пристап до сите податоци. Сите податоци се ажурираат редовно за да се обезбеди точност, бидејќи точноста е од исклучива важност за оваа сфера.

Кој може да го користи Регистарот на лекови и која е неговата примарна намена?

Апликацијата е наменета за широк спектар на корисници. Првенствено, медицински професионалци како лекари, фармацевти и медицински сестри. Тие можат да ја користат апликацијата за да добијат брзи и точни информации за лековите, нивната активна состојка и производители.

Второ, апликацијата е корисна и за обични граѓани кои бараат специфични лекови. Им овозможува на корисниците да добијат информации на македонски јазик, што е многу подобро отколку да се зависи од странски апликации и јазици.

Планираш ли дополнувања со нови податоци и какви?

Да, планирам дополнувања и нови функционалности за апликацијата во иднина. Една од клучните функции што ја размислувам е интеграцијата на апликацијата со аптеките, така што корисниците ќе можат да добијат директни информации за тоа кои лекови се достапни во кои аптеки. Ова ќе ја направи апликацијата уште покорисна и ќе помогне на граѓаните да ја најдат точната аптека која ги има лековите кои им се потребни.

Дополнително, размислувам за додавање на функционалности за лоцирање аптеки на мапа, така што корисниците ќе можат лесно да ја најдат најблиската аптека.

Исто така, планирам да го подобрам процесот на пребарување и да овозможам подобро прегледување на документите кои се во PDF формат, за корисниците да можат полесно да ги разгледаат информациите за лековите.

Какви се твоите планови за во иднина?

Во иднина, имам амбиции да ја развивам апликацијата уште повеќе. Еден од плановите е да ја направам апликацијата достапна и за iOS корисници. Иако моментално е достапна само на Android, бидејќи апликацијата е направена со Flutter можам да ја објавам и на iOS без големи проблеми. Сепак, проблем се трошоците за пристапот до App Store, бидејќи годишната претплата е висока, особено за апликација која сам ја одржувам.

Планирам да ја развијам функционалноста за лоцирање аптеки, како и да воведам нови начини за прегледување и пребарување на лековите. Ќе работам на интеграција со аптеките за да се овозможи динамично ажурирање на достапноста на лековите. Освен тоа, планирам да продолжам со подобрување на интерфејсот за да биде уште појасен и полесен за користење.

Сподели!
- Advertisement -