Од Битола до МоМА во Њујорк – NFT одисејата на Дарко Ристевски откривач на дигиталното платно кај нас

- Advertisement -

Со Дарко Ристевски договаравме интервју цели две години. Пријатели сме и често се гледаме, но сѐ некако го чекавме вистинскиот момент. А имаше неколку важни поводи во овие две години кои се уметничко патување кое не е ништо помало од метеорско.

И така едно утро се јавија од Музејот на модерната уметност од Големото Јаболко, олтарот на современата уметност со кратенка МоМа и си рековме, не ни треба друг знак за интервју. Кого да чекаме повеќe?

- Advertisement -

Дарко е уметник од царството NFT, не му се туѓи големите сцени или илуминацијата на неговите дела на некои од најпознатите светски платна. Од енергичниот Art Basel Miami до наелектризираниот сјај на Times Square, а како што кажува и насловот и најново ќе го има и во ценетите дигитални галерии во светите сали на МоМА.

Но, кој е човекот зад овие дигитални ремек-дела? Kако еден дечко од Битола го врежа своето име во основата на уметничката револуција која го преобликува не само пазарот на уметност, туку и самата структура на културниот израз? 

- Advertisement -

Ова е најава за моето најново интервју кое ќе се обиде да ги разоткрие нишките на уметничката ДНК на Ристевски, следејќи ја идејата на неговите инспирации, бинарниот код на неговата креативност и заедничките импулси што ја поттикнуваат неговата визија напред.

Дарко има необична приказна која веројатно исто така се развива, како и наративот за NFT уметноста- наратив кој му помогна на овој уметник во неговата потрага по децентрализирана уметност што ги надминува физичките и дигиталните светови. Неговата приказна се базира на нишките на технологијата и човечкото искуство, приказна која започнува во Македонија и се протега до бесконечноста на блокчејнот.

- Advertisement -

Сакам да кажам збор-два и за оваа фотосесија, зошто реално долго размислувавме каде да ја направиме за Дарко, со оглед на тоа што кај нас дигиталниот свет на уметноста, скоро и да не постои. 

Го замолив мојот драг пријател Иван Јерчиќ да ни дозволи, познатиот фотограф Владич Бошковски да фотографира низ грандиозноста на битолскиот театар, таа бруталистичка структура која доминира на хоризонтот со својата строга убавина. Некако сметавме со фотографот дека Дарко стои како остар контраст, доказ за еволуирачкиот дијалог меѓу минатото кое демне тука и аурата на неговиот иновативен дух. Тоа е како кога барате простор кој ја има острата реалност, а сепак сакате да се сретне со флуидноста на иднината, па така Дарко е како фигура поставена на авангардата на новото време.

новинарка | Љубица Ангелкова

фотограф | Владич Бошковски

Можеш ли да ми раскажеш како започна твојот уметнички пат и како се вклучи во создавањето на NFT? 

Моите почетоци со овој вид на уметност почнуваат со trashart & rare pepe каде директно се вклучив во делот на креирање во тој дел од дигиталната уметност. Покрај артистичкиот дел, тука помогна и интересот за самата технологија преку која се вклучив во неколку проекти кои работат на подобрување на самите системи и начини на работа. Идејата за децентрализација на системи имаше голем удел во тоа, со оглед на тоа дека голем дел од уметниците кои се вклучени во ова поле ги делат истите идеи околу појавата на блокчејнот, кој има влијание на економските, политичките системи и идентитетот на индивидуата и нејзината сопственост. Ова се теми за кои често се зборува и се посветува големо внимание и нормално имаат влијание и на уметноста.

Што е она што лично те привлекува во светот на NFT уметноста, и што сметаш дека е највозбудливо или уникатно за медиумот?

Овој “свет” е полн со луѓе кои се дел од интернет културата којa имаше голем замав пред петнаесетина години во популарната меме култура, преку која се створи простор за нова група на креативци. Со ова почнаа да се појавуваат и нови виртуелни заедници каде размената на идеи се одвива секојдневно на глобално ниво. Тука е и делот со нови технологии кои често се врзани со ова поле што отвора простор за нови идеи и правци во уметноста кои полека се развиваат и нови функционални начини за решавање на општествени проблеми. Еден од уникатните елементи доаѓа со тоа што постојат дела кои не би постоеле без самата технологија поради која се директно врзани едно со друго.

Како би го опишал твојот уметнички стил и темите или концептите кои ги инспирират твоите NFT креации? 

Во моментов фокусот ми е целосно посветен на glitch art, дигитално сликарство и абстрактна генерирана уметност, и посебно ми се допаѓа што можам да работам со моите омилени уметници, програмерите. Тука доаѓа до соработка на приказната која најчесто е врзана со теми од самата култура позади се ова и нејзиното влијание на остатокот од светот, визуелниот пристап на идеите, кои се можностите на блокчејнот и како најдобро да се искористат за да бидат целосно поврзани едно со друго.

Делот со глич арт дава целосна слобода на пристапот кон визуелното и резултатот е дело кое поминало низ долг процес на визуелна обработка и “кршење” на податоците од кои сликата или видеото е составено, но темата е сепак во иста насока како и абстрактната уметност, што помогна да курирам неколку изложби и поголеми настани.
Ова е барем делот со уметноста но исто така работиме и на други полиња како системи за подобрување на општества и олеснување на секојдневни работи со кои сите се соочуваме повеќе или помалку.

NFT направија револуција на пазарот за уметност со воведување блокчејн технологија. Како гледаш дека оваа технологија влијае на светот на уметноста и какви можности им нуди на уметниците?

Најголемата револуција се случува со начинот на автентикација на уметничките дела, влијанието на групата ДАДА, кои го имплементираат системот на “royalties” во кодот кога се креира NFT, со кој се зголеми и независноста на уметникот како дел од пазарот на уметнички дела со тоа што уметникот ќе заработува процент од секоја продажба на едно дело. Ваквите надоградби привлекоа голем број на уметници, посебно во делот на дигиталната уметност и тоа даде уште поголем фокус на ова поле. 
Покрај ова, се зголеми и достапноста на самата уметност што драстично го зголеми бројот на колекционери на глобално ниво.


Каков е креативниот процес кога креираш уметничко дело. Како му пристапуваш на дигиталниот аспект на твојата работа?

Креативниот процес најчесто започнува со идеја која знае често да се менува со оглед дека голем дел од инспирацијата доаѓа од самата технологија па потоа се преминува на поставување скица и на крај визуелна реализација на идејата.

Со оглед на тоа дека природата на  NFT е најчесто дигитална, крајниот резултат е дигитален иако во самиот процес знам да вклучам и традиционално креирани елементи, но исто така сакам да експериментирам и со технологиите до кои имаме пристап а тоа посебно го вклучува и користењето на вештачка интелегенција за одредени елементи па и еден вид соработка.

NFT предизвика дискусии за сопственоста, автентичноста и вредноста на дигиталната уметност. Како ги водиш овие дискусии и кои се твоите размислувања за пресекот на традиционалната и дигиталната уметност?

Нештото кое го крена светот на нозе беше тоа што за прв пат се појави начин да се докаже сопственоста на дигитална уметност преку автентикација која лесно може да се провери и не подлежи на едитирање или бришење. И не само за уметноста, туку примената на технологијата опфаќа голем простор во секое поле од денешниот живот каде сигурноста на податоци треба да е на високо ниво. Нормално дека постојат работи на кои се уште треба да се посвети повеќе време за подобрување но сепак е голем чекор во таа насока.

Вредноста на едно дело е веројатно една од покомплицираните теми во секое поле од уметноста. Најчесто вредноста доаѓа на база на консензус каде одредена група дава вредност на нешто кое подоцна може да варира, но во секој случај ова е далеку покомплицирана тема на која се посветува многу време бидејќи има премногу фактори кои влијаат на ова. Се разбира дека тука игра улога и колку е активен уметникот, темите кои ги обработува, пристапот кон самата технологија итн.

Соработката и заедницата се составен дел на просторот NFT. Кое е твоето искуство во соработка со други уметници или ангажирање во заедницата НФТ, и како тоа влијаелно на твојата работа?

Не би рекол дека заедницата е уникатна само за овој простор, во било кое поле каде има група со некакви интереси, заедницата е онаа која ја дава почетната вредност. Во секое поле заедницата игра клучна улога за нешто да почне да влијае на глобално ниво. Соработката е дефинитвно еден од поинтересните моменти бидејќи е нешто кое се случува многу почесто отколку во други делови на уметноста. Bеројатно ова се должи на тоа дека овој простор е се уште во своите почетоци, голем дел од комуникацијата се одвива онлајн што го олеснува и пристапот до информации и соработката. Поголемиот дел на луѓето кои се вклучени веќе делат многу заеднички работи што го прави полесно за развивање на идеи и концепти со соработка. Исто така и самата технологија бара често комбинација од повеќе работи кои знаат да спојат повеќе индивидуи да работат на проекти или дела.

Арт Базел Мајами е сон за многу уметници, за тебе беше реалност. Како се случи таа соработка, како беше селектирано твое дело? Тајмс Сквер исто така вртеше твои дела.

Големиот замав кој го завзеде крипто уметноста доведе до тоа да биде препознаена и надвор од тој свет и полека почна да станува препознатлива и во останатиот свет на уметноста. Арт Базел Мајами имаше неколку изложби за крипто уметност и NFT-ја каде бев поканет од страна на една од галериите со кои соработувам.

Првото дело кое се појави на Тајмс Сквер беше од страна на еден од моите колекционери кој презентираше дела кои ги поседува во неговата колекција. Наредната година добив покана да учевствувам со уште едно дело од страна на NFT NYC како еден од избраните артисти кое подоцна помогна за моите дела да се појават на уште неколку места низ светот.

Деновиве ти пристигна една одлична вест, еден од твоите дизајни за дигиталните NFT ќе бидат достапни во MoMA – Museum of Modern Art. Тоа е голема вест за секој уметник на новото време, но исто така е факт кој значи дека ништо не е невозможно. Какво е чувството?

Интересен проект кој го работевме со мала група беа третата серија на NFT разгледници за МоМА како членови на CryptoPunks, каде нашите “карактери” требаше да бидат прикажани како пиксел арт. Разгледниците ќе бидат достапни до крајот на годината за секој посетител на музејот каде ќе можат да добијат една од разгледниците. Идејата за ова доаѓа од тимот на МоМА кој е задолжен за web3/NFT делот на музејот, кои активно се вклучени во овој дел на уметноста и е прекрасно да се види дека во последните неколку години ова поле зема замав и во поголемите музеи и галерии.

Кои се предизвиците со кои се соочи како  NFT артист и како ги надмина?

Најголемиот предизвик во ова поле доаѓа со тоа што бара многу едукација околу технологија, културата и историјата од каде почнале работите и како се развиваат, и веројатно најбитниот елемент е да се биде активен во самиот NFT/крипто арт свет. Посебно внимание бара да се посвети на тоа што се појавуваат нови технички работи околу самата технологија со голема брзина и нешто што било релеватно вчера, денес веќе не се користи што бара голем фокус на поголемиот дел од случувањата во просторот.

Со самата едукација се учат и техничките страни во ова поле кои се битни во тоа што и како се користи за делата да ја имаат почетната вредност и квалитет гледано од тој агол. Овие работи се битни за како за уметниците така и за колекционерите бидејќи начинот на кој се поставуваат делата е многу битен и без доволно познавање често е случува да има проблеми кои носат незадоволство и од двете страни.

Како што пазарот продолжува  NFT продолжува да се развива, какви се твоите размислувања за иднината на  NFT и нивното влијание врз уметничката индустрија?

Многу е тешко да се предвиди што ќе се случува во иднина во целина, но едно е сигурно, а тоа дека во моментов оваа технологија е најдоброто решение за автентикација на дигиталната уметност.

Арт Базел во годишниот извештај за уметност ги ставаат NFT-ата како еден од побитните елементи во времето кое доаѓа а и веќе се гледа зголемена заинтересираност кон самата уметност од страна на институциите, колекционерите но и многу интересен факт е дека со тоа што се ова е многу подостапно од претходно, се појавуваат и нови колекционери кои претходно немале шанса да си дозволат да купат уметнички дела од уметници кои ги прателе во нивниот развој. 
Пример за ова е поставувањето на крипто арт во Помпиду во Париз, МоМа во Њу Јорк веќе има одлична колекција на дела кои ги добија скоро и се појавува голема заинтересраност од страна и на други музеи и галерии. Битно е да се нагласи дека овие музеи веќе имаат тимови кои се едуцираатработат и имаат познавање токму на ова поле и се директно вклучени во комуникацијата како со уметниците, така и со колекционерите и сите кои допринесуваат во развивањето на технологијата и уметноста.
Надвор од уметноста најголемото влијание кое ќе го видиме доаѓа од употребата на оваа технологија за општествени цели, како и во политичките и економските системи. Имаме неколку примери од вистинскиот свет кои се покажале како одлично решение во пракса и тоа е она кое помага во нејзино надградување и прифаќање.

Како пристапуваш кон маркетингот и промоцијата на твоите NFT уметнички дела? Кои стратегии се ефективни за да допреш до твојата публика и да се поврзеш со колекционерите?

Пристапот кон маркетингот се разликува кај секој. Најдобар начин е квалитетот но бара и директно вклучување на уметниците во самиот простор каде често се водат разговори и дебати на темата. Социјалните мрежи играат голема улога но како најдобар начин за промоција и маркетинг се покажа дека се изложбите и настаните околу ова каде се среќавате со луѓе кои делите заеднички идеи и визии за уметноста.

Неодамна се врати од Португалија. Која е следна станица или откриј ни некој проект на кој следно ќе работиш?

Причината поради која бев во Португалија беше поради соработка со група уметници на нов проект и надградба на уште еден проект на кој активно работам работам во периодов. Тешко е да се каже која е следна станица со оглед на тоа дека има премногу настани и проекти на кои се работи, така да останува да се види каде ќе има потреба да се присуствува физички и кои се потребите за патување. Можам да кажам дека доаѓа интересен период во целата сцена, со многу нови и интересни работи од страна на голем број уметници, куратори и критичари. Неколку платформи работат на уште надградби со кои и купувањето на дело добива неколку нови концепти а со тоа ќе видиме уште повеќе уметност која ќе биде директно врзана со самиот блокчејн и нејзино усвојување.

Каков совет би им дал на аспирантни уметници кои се заинтересирани да го истражуваат  NFT и просторот за дигитална уметност?

 Пред се, едукација во тоа поле, навлегување во деталите на идејата и како стигнува до ова што го гледаме денес. Со самото тоа многу работи стануваат појасни што помагаат во самиот пристап и отвораат нови идеи. Се ова бара време, трпение и посветеност, но на крај квалитетот и активноста во просторот се ценат. Дефинитивно пратење на новите технички надградби, бидејќи просторот се менува секојдневно и секојдневно има нови идеи кои отвараат простор за повеќе креативност.

Сподели!
- Advertisement -