На 17 септември се одржува првата конференција “Бизнис лидер”

- Advertisement -

На 17 септември во хотелот Александар Палас во Скопје ќе се одржи првата конференција „Бизнис лидер“, најголемиот бизнис настан во земјава, кој ќе ги обедини највлијателните и најуспешните лидери и претприемачи од различни индустрии. Целта на конференцијата е да создаде уникатна платформа за размена на идеи и иновации, да понуди можност за споделување на најновите деловни трендови и успешни примери од пракса, и да дефинира стратешки насоки кои ќе го поттикнат растот и развојот на македонскиот бизнис сектор.

Главна тема на конференцијата е „Обликување на иднината: Лидерство во ерата на трансформација“. Настанот ќе трае еден ден, а ќе понуди инспиративни говори од меѓународни експерти и панел дискусии со највлијателните македонски бизнис лидери.
Официјалниот дел на конференцијата ќе го отвори министерот за економија и труд на Република Северна Македонија, Бесар Дурмиши, кој ќе одржи воведен говор на тема „Визија за економскиот развој на Македонија“.

- Advertisement -

Потоа, Огнен Огненоски, основач и извршен директор на Бизнис Мрежа, ќе ја презентира макроекономската анализа на македонското стопанство за 2024 година, а Анета Коробкина, трансформациски коуч, автор и предавач, ќе говори за трендовите во светското лидерство.

Во рамките на програмата ќе се одржат четири динамични панел дискусии, кои ќе понудат различни перспективи и практични искуства од водечките имиња на македонската бизнис сцена.

- Advertisement -

„Финансиски партнери или само кредитори? Новата улога на банките во екосистемот на МСП“: Панелистите ќе дискутираат за тоа како банките можат да станат вистински партнери за малите и средни претпријатија. Модератор ќе биде Огнен Огненоски од Бизнис Мрежа, а ќе учествуваат извршниот директор и членот на Управниот одбор на Халкбанк АД Скопје, д-р Беркан Имери, директорот на дирекција за корпоративни клиенти на Шпаркасе Банка АД Скопје, Благоја Устијаноски и извршниот директор за трансформации и финансии на Мега-Метал Словенија, Славен Ќуриќ.

„Лидерство во време на криза“: Оваа дискусија ќе понуди увид во стратегиите за успешно водење на бизнис во неизвесни времиња. Модератор е Ирена Јакимова, меѓународен тренер и коуч за лидерство, а панелисти се генералниот директор на Порше Македонија, Златко Муцунски, контролинг менаџерката и членка на стратешкиот менаџмент на Зегин групација, Јана Ѓорчева Корубин и д-р Лазар Јовевски, професор на Правен факултет при УКИМ и советник за труд и социјална политика на Претседателот на Владата на РСМ, проф. д-р Христијан Мицкоски.

- Advertisement -

„Финтек револуција и иднината на финансиите“: Учесниците ќе истражат како финансиската технологија (Fintech) ги менува традиционалните финансиски услуги. Модератор е генералната директорка на ЕОС Матрикс, Катерина Бошевска, а ќе говорат директорката на УЈП, Елена Петрова, главната извршна директорка на Иуте Македонија, Билјана Мишиќ, и основачот и управител на Моделикс, Благоја Хамамџиев.

„Градење на организациска култура прилагодлива на промени“: Оваа панел дискусија ќе се фокусира на важноста на силната и флексибилна организациска култура. Модератор е Пенка Мукаетова од Сојузот на стопански комори на Македонија. Панелисти се корпоративниот секретар на Алкалоид, Димитар Ристовски, сениор менаџерот за комерцијално работење во ФМТКП, Ивана Стојаноска, и извршната директорка на Сава Осигурување, Мелита Гугуловска.

Покрај панел дискусиите, програмата вклучува и презентации на успешни приказни и инспиративни разговори. Генералниот директор на Млекара АД Битола, Ѓорѓи Петрушев, ќе одржи главна презентација на тема „Одржливост како вредност – одговорност на успешните бизнис лидери“. По неа ќе следи инспиративен разговор на истата тема, модериран од Владимир Ристевски, извршен директор на Евентика и партнер и креативен директор на Пиксел.

Генералната директорка на Макстил, Марија Дуковска Павловска, ќе модерира разговор на тема „Зелена трансформација и конкурентност“, со учество на генералниот директор на Раде Кончар – ТЕП, Горан Антевски. Настанот ќе заврши со завршен говор од Борислав Тноковски, ТВ презентер на Канал 5 Телевизија.

Конференцијата „Бизнис лидер“ претставува идеална можност за сите присутни да се инспирираат, да разменат искуства и да се вмрежат со лидери од различни сектори.

Повеќе информации за агендата, говорниците и купувањето билети се достапни на официјалната веб-страница на конференцијата: https://konferencija.biznislider.mk.

Сподели!
- Advertisement -