Стартот на работа на првата македонска компанија специјализирана за инвестиции во стартапи беше повод да поразговараме со Ѓорѓи Рафајловски, управител на Zefir Equity кој стартува со фонд од околу 100.000 евра!
Рафајловски, летово ја објавивте веста за формирањето на Zefir Equity – првата македонска компанија специјализирана за инвестиции во стартапи. Како се роди оваа иницијатива?
Ѓорѓи Рафајловски: Идејата за Zefir Equity се развиваше долго време низ работата на нашата бизнис ангел мрежа Zephyr Angels. Гледавме како стартап сцената во Македонија постепено расте, но и колку ѝ недостасува професионална и структурирана поддршка. Годинава решивме дека е вистински момент да го направиме следниот чекор – да формираме компанија која е посветена исклучиво на инвестиции во стартапи. Со тоа, основавме Zefir Equity, кој стартува со фонд од околу 100.000 евра.
Иновативност: Што е специфично за Zefir Equity во споредба со досегашните модели на инвестирање кај нас?
Ѓорѓи Рафајловски: Прво, ова е првата македонска компанија која се фокусира само на стартапи. Второ, уште од самиот почеток успеавме да привлечеме интерес и од инвеститори однадвор, што е силен сигнал дека домашните основачи имаат што да понудат и на меѓународната сцена. И трето – освен капиталот, ние носиме и менторство, „know-how“ и мрежа на контакти, бидејќи преку Zephyr Angels имаме широка база на искусни луѓе кои се подготвени да ги поддржат младите компании.

Иновативност: Со колкав капитал почнувате и колку стартапи планирате да поддржите?
Ѓорѓи Рафајловски: Започнуваме скромно, со фонд од околу 100.000 евра, наменет за (ко)инвестирање во 3 до 4 стартапи. Но, ова е само почеток. Целта е фондот постепено да расте и да станува се посилен, паралелно со успехот на стартапите во кои ќе инвестираме. Гледаме на ова како на долгорочна приказна, а не како на еднократен проект.
Иновативност: Кои се критериумите што ќе ги користите при изборот на стартапите?
Ѓорѓи Рафајловски: Бараме технологија, тим и амбиција. Стартапот мора да има потенцијал за раст надвор од локалниот пазар и да решава вистински проблем. Важни ни се и луѓето зад идејата – нивната посветеност, способност за адаптација и желба за учење. Инвестицијата е само дел од приказната, она што ние го гледаме е дали тие можат да изградат одржлив и глобално конкурентен бизнис.
Иновативност: Што значи ова за македонската стартап сцена воопшто?
Ѓорѓи Рафајловски: Веруваме дека ова е нов импулс за екосистемот. До сега многу стартапи мораа да се потпираат само на грантови или сопствени ресурси. Со Zefir Equity отвораме нова врата , приватен капитал кој доаѓа со вистинска поддршка. Тоа ќе значи повеќе можности за младите претприемачи, но и повеќе доверба кај меѓународните инвеститори дека Македонија е место каде што вреди да се инвестира.
Иновативност: Споменавте дека има и странски инвеститори кои се дел од оваа приказна. Како дојдовте до нив и што значи тоа за компанијата?
Ѓорѓи Рафајловски: Преку работата со Zephyr Angels изградивме мрежа и надвор од Македонија. Дел од тие инвеститори ја препознаа вредноста на иницијативата и решија да се приклучат. За нас тоа е голема придобивка – бидејќи на стартапите им обезбедуваме не само капитал, туку и пристап до меѓународни пазари, експертиза и контакти. Тоа е вистинскиот мост меѓу македонските идеи и глобалниот пазар.
Иновативност: Како гледате на потенцијалот на македонските стартапи?
Ѓорѓи Рафајловски: Македонија има талент, креативност и млади луѓе со огромна енергија. Она што често недостига е структурирана поддршка и доверба дека можат да успеат надвор. Ние сакаме да ја дадеме таа поддршка и да изградиме систем во кој стартапите не мора да заминуваат од државата за да растат. Нашата визија е да видиме македонски компании кои стануваат дел од глобалните приказни.
Иновативност: Кој е вашиот повик до стартапите и потенцијалните инвеститори?
Ѓорѓи Рафајловски: Стартапите кои имаат амбиција и иновативни решенија ги охрабрувам да се пријават за инвестиција од Zefir Equity. Ова е вистинска можност за оние кои се подготвени да растат и да излезат на глобалниот пазар. Од друга страна, потенцијалните инвеститори кои сакаат да станат дел од оваа приказна и да ко-инвестираат со нас се добредојдени да се приклучат. Веруваме дека само со заеднички сили можеме да изградиме посилен стартап екосистем во Македонија.
Иновативност: Каква е вашата долгорочна визија?
Ѓорѓи Рафајловски: Долгорочно, сакаме Zefir Equity да стане водечки инвестициски играч во регионот, кој ќе создава вредност и за основачите и за инвеститорите. Но уште поважно – сакаме да изградиме култура на претприемништво и инвестирање во Македонија. Ако успееме во тоа, тогаш ќе знаеме дека сме оставиле траен белег.