Анимираната авантура „Златната пеперутка“, базирана на ликовите од оригиналната и популарна анимирана серија „Сказните на Биби“, создадена од продукцијата на „Светот на Биби“, го започнува своето европско патување. Во силна конкуренција на стотици проекти, филмот, кој е во копродукција на „Светот на Биби“ и „Македонска Крепост“, во соработка со Toon Motion Studios како главно креативно и анимациско студио, е селектиран за презентација на два престижни филмски маркети — Iberseries & Platino Industria во Мадрид и MIA Market во Рим. Овие селекции го отвораат патот за нови меѓународни копродуценти и партнери.
Во Мадрид, „Златната пеперутка“ беше презентирана од копродуцентката Фернанда Перез во рамките на специјалната програма Methos Media, чија цел е да ги поврзе иновативните и квалитетни европски продукции со водечки латиноамерикански копродуценти, дистрибутери и инвеститори. Презентацијата предизвика голем интерес кај професионалната публика, а веќе се започнати разговори со неколку телевизиски куќи за потенцијална поддршка и вклучување во проектот.
Фернанда Перез е основачка на аргентинската продуцентска куќа Blurr Stories, која годинава беше копродуцент на филмот „Пораката“ на Иван Фунд – добитник на Сребрена мечка на Берлинскиот филмски фестивал 2025.
Таа за соработката на „Златната пеперутка“ изјави:
– Се работи за проект кој нè возбудува од повеќе причини. Тоа е детски филм кој на свеж и природен начин ги обработува темите за одржливост и грижа за животната средина — нешто во кое силно веруваме. „Светот на Биби“ е веќе успешен детски бренд од Македонија, со докажан комерцијален потенцијал, а неговото проширување како трансмедиумски проект во Латинска Америка е уникатна можност да се изградат културни и комерцијални мостови меѓу региони што ретко соработуваат. Оваа копродукција меѓу Македонија, Аргентина, Бразил, Колумбија и Шпанија е смела и иновативна. Горди сме што ја поддржуваме оваа копродукција и заедничката визија на тимот кој ја носи Биби од Балканот кон светот.
Следната станица на „Златната пеперутка“ е MIA Market во Рим, кој оваа година се одржува од 6 до 10 октомври. Се работи за еден од водечките европски копродукциски форуми за филм, телевизија и анимација, каде што се среќаваат продуценти, дистрибутери, продажни агенти и претставници на најголемите ТВ и стриминг-платформи.

Проектот ќе го претстави авторот и режисер Гоце Цветановски, кој е во конкуренција за награда за најдобра презентација во анимациската секција.
– Ме радува што Биби и Боби стануваат препознатливи херои на светско ниво. Со самата селекција на овие професионални манифестации докажавме дека имаме квалитетен проект кој ја промовира македонската сцена како сериозен играч во полето на анимацијата. Се надевам дека надлежните институции ќе го препознаат и поддржат ова што го правиме – изјави режисерот Гоце Цветановски.
„Златната пеперутка“ е долгометражен анимиран филм – еколошка авантура во која Биби и Боби патуваат во амазонската џунгла во потрага по мистериозната златна пеперутка, создавајќи нови пријателства и борејќи се да ги заштитат „белите дробови“ на планетата.