Кога уметноста на светлината и уметноста на виното зборуваат исто

- Advertisement -

Филмските фестивали не се само филм. Тие се искуства што живеат надвор од кино салите, во разговорите, во музиката, во вкусовите на гостите кои го слават фестивалот по светот. Во рамки на 46. издание на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, една од тие искуствени точки беше посетата на Винаријата „Тиквеш“ – посета што повеќе личеше на режирана сцена, отколку на класична дегустација. 

“Деновиве ни пристигна преубаво писмо на благодарност од еден од гостите на фестивалот и не потсети дека оваа приказна е добро да ја споделиме со јавност” – истакнуваат од маркетинг тимот на Тиквеш.

- Advertisement -

Со јубилеј од 140 години постоење, „Тиквеш“ одамна престана да биде само винарија. Таа е институција на културата, заштитен знак на македонскиот идентитет и традиционално покровител на врвната уметност. Соработката со „Браќа Манаки“ е потсетување дека вистинските брендови не живеат во бројки и пазари, туку во поддршката на оние приказни што оставаат белег, филмот и виното.

Лауреатите на фестивалот, меѓу кои и легендарниот Дариус Конџи, турскиот режисер и кинематографер Семи Капланоглу и оскаровецот Воли Фистер, беа пречекани во атмосфера која спојува историја и современост. Секој од нив доби персонализирано вино, мало ремек-дело во шише, кое зборува со истата страст со која тие ја создаваат магијата на светлината.

- Advertisement -

Посебна чест им беше оддадена и на уметниците Мариан Елизабет Ан Шеметоф Конџи и Лоан Стефани Шабанол, чие творештво ја преминува границата меѓу визуелната и перформативната уметност. А на македонскиот уметник Киро Урдин – автор на официјалниот фестивалски плакат му беше подарено специјално Магнум Барово, симбол на безвременост и автентична вредност.

Во знакот на долгогодишното партнерство со фестивалот, „Тиквеш“ му врачи специјална плакета на директорот на фестивалот, Димитрија Доксевски, гест што ја нагласува идејата дека вистинската култура се создава кога големите институции застануваат зад неа.

- Advertisement -

Ручекот заврши со здравица која можеше да биде и последен кадар од филм: „За сонот на големото платно и за виното што ги обединува луѓето.“

А токму тоа беше духот на фестивалот, од винскиот ручек до вечерните или пладневните  матинеа со „Тиквеш“ вина, кои низ целата фестивалска недела станаа место за спонтано дружење и разговори. Таму, меѓу чашата и светлината, се создаваа сцени кои никогаш нема да бидат снимени, но ќе останат да живеат во меморијата како најубавото off-продолжение на фестивалот.

Сподели!
- Advertisement -