Во денешниот брзо променлив бизнис свет, успешните компании често ги гледаат своите бизнис советници како стратешки партнери, а не само како надворешни советници. Специјализираната експертиза и свежиот поглед што ги носат бизнис советниците се особено важни за мали и средни компании кои се соочуваат со предизвици на глобалниот пазар и постојаното адаптирање на промените. Еден од најважните аспекти на успешната соработка е долгорочниот однос помеѓу менаџерите и бизнис советниците. Таквата соработка создава доверба, овозможува континуиран напредок и дава можност за подобро разбирање на уникатните потреби и предизвици на компанијата.
Во ова интервју со Марта Наумовска Грнарова, генерален директор на Завар Компани и Симон Аврамовски, Партнер во ПОИНТПРО КОНСАЛТИНГ, се разгледуваат основните придобивки од долгорочната соработка и значењето на бизнис дијагностиката во процесот на стратешко планирање. Клучната цел на оваа соработка е не само да се помогне во идентификувањето на проблемите, туку и да се изработат конкретни стратегии кои ќе го водат бизнисот кон долгорочен раст и успех. Како што покажува нивниот пример, бизнис дијагностиката игра централна улога во препознавањето на критичните аспекти на работењето и обезбедувањето на точни информации кои служат како основа за донесување информирани одлуки.
Новинар – Верица Јорданова
Долгогодишна соработка и доверба
Веќе долго време соработувате. Како се изгради оваа врска и што таа значи за Завар Компани?
Марта: Соработката со ПОИНТПРО КОНСАЛТИНГ од Скопје започна во 2009 година и со текот на времето се претвори во вистинско партнерство. Мали семејни компании како нашата немаат надзорни одбори или структури кои ги проверуваат стратегиите, па бизнис советниците се таа надворешна проверка и експертиза што ни недостига. Тие ни помагаат да ја видиме пошироката слика, да избегнеме замки на сопствени амбиции и да донесеме одржливи одлуки. Со оваа соработка ни се става на располагање еден стручен тим кој користи најразлични финансиски алатки, има искуства од други компании и едноставно ни ја дава пошироката слика за да можеме да донесеме правилни одлуки.
Она што ја прави оваа релација особено вредна е довербата и разбирањето кои ги изградивме со текот на времето. Консултантот не е само надворешен советник, туку некој што ја разбира нашата ДНК, културата на компанијата, нашите предизвици и цели – и знае како да не води низ различни фази на раст и трансформација.
Симон: Бизнис советниците не носат само стручност, туку и фокус. Со тоа им штедиме време на менаџерите и им овозможуваме да се посветат на своите приоритети. Долгорочната релација е суштинска – резултатите не доаѓаат преку ноќ, туку се гледаат со години.
Во случајот со Завар Компани, заеднички изградивме модел на работа кој постојано се адаптира – од организациска структура до стратешко планирање и воведување на нови процеси. Тоа што сме вклучени долго време овозможува да имаме континуитет во промените и подобро да ги разбереме длабинските причини зад некои предизвици, а не само да реагираме на симптомите, што ја прави соработката вистински ефективна. Би сакал да додадам дека во правењето на бизнис дијагностика бизнис советниците освен стручност, даваат и еден таргетиран фокус во анализа на компанијата. Исто така, на некој начин превземаме и дел од нивното време, коешто кај нив е драгоцено, и им даваме можност да се фокусираат на своите приоритети.
Значењето на бизнис-дијагностиката
Што се опфати последната бизнис дијагностика што ја направивте за Завар Компани?
Симон: Дијагностиката опфати неколку клучни елементи – производи и услуги, пазарна позиција, динамика на вложувања во ново знаење и технологија, анализа на приходи и продажба по сегменти. За да разјасниме, бизнис дијагностиката има неколку клучни елементи. Прво се трга од еден стратешки пазарен концепт: кои производи и услуги ги нуди компанијата, кому продава, колку и со каква динамика вложува во технолошко знаење и во нови производи, каква е продажбата по групи на производи и земји, анализа на приходи и други релевантни показатели. За сите овие аспекти ги разгледуваме податоците од последните пет години, што ни дава целосен преглед на трендовите и еволуцијата на бизнисот.

Клучни наоди и заклучоци
Кои беа најважните заклучоци кои ги добивте од спроведената анализа?
Симон: Главниот заклучок од анализата е дека компанијата има здрава профитабилност но сепак се потребни продлабочувања во ЕРП софтверот кои ке ги анализираат подлабоко индиректните трошоци заради зголемување на ефикасноста од работењето. Предвидуваме неколку начини и нивоа како тоа да се постигне – преку зголемување на продажбата, оптимизација на процесите ,но и преку продажба на производи и услуги со поголема додадена вредност.
Друг клучен фактор е човечкиот капитал. Машини и опрема има доволно, но недостасуваат квалификувани кадри – сертифицирани заварувачи, бравари и мајстори со долгогодишни вештини. Ова претставува сериозен предизвик бидејќи овие профили бараат години за да се изградат, а интересот на младите за овие традиционални занаети и специјализирани вештини е сѐ помал. Ова бара стратегија за долгорочен развој на кадрите, како и можност за привлекување и задржување на квалификуван персонал.
Во секој случај, тоа служи како основа за понатамошни сценарија и планирање на иднината. Сите овие анализи служат како темел на кој ги градиме нашите идни стратегии и планирања, и ја дефинираат насоката во која треба да се решаваат овие тековни проблеми. На тој начин, постојано се подготвуваме за предизвиците што следуваат, со конкретни планови и приоритети за континуирано подобрување.
Марта: За мене оваа дијагностика дојде во вистински момент, кога светот драматично се промени – од Ковид пандемијата до новите пазари и променливите услови на бизнисот. Сакав да направиме мала ревизија на работењето и да се подготвиме за иднината. Дијагностиката точно ни покажа каде се нашите јазови и што треба да надградиме. Беше важно да го разбереме трендот во нашето работење, бидејќи со оваа анализа ја дефиниравме насоката на која треба да работиме. Сега знаеме кои области имаат потреба од внимание и кои се силните страни на компанијата на кои треба да се фокусираме за да продолжиме да растеме, да ги оптимизираме нашите ресурси и да се прилагодуваме на новите услови на пазарот.
Тоа што го научивме е дека мора да вложиме во луѓето – преку обуки, прекувремена работа каде што е потребно, но и преку награди и бонуси. Нашите вработени се основата на секој проект и мораат да бидат мотивирани и задржани. Ова е клучно за нашата иднина и успех, бидејќи со добро обучен и мотивиран тим, ќе можеме да ги реализираме поставените цели и да се справиме со идните предизвици.

Важноста на стратегијата
Зошто оваа дијагностика е толку важна за вас како менаџер?
Марта: Стратешкото планирање е секојдневна задача на еден сопственик и менаџер. Притоа, ваквите анализи се многу важни, особено кога се прават долгорочни стратегии. Но, исто толку важно е таа долгорочна стратегија по одредени временски квартали да се проверува, бидејќи надворешните влијанија се менуваат. Надворешниот контекст се менува, па така долгорочната стратегија која што ја поставивме во 2009-та година мораше темелно да се преиспитува на период од пет години. Понекогаш мора да се носат и брзи одлуки, но полесно е кога ја имаш на ум стратегијата и зацртаниот правец.
Симон: Од оваа дијагностика произлезе и стратешка мапа за имплементација на стратегијата која ги поврзува четирите стратешки димензии: финансиските цели, пазарниот контекст и бренд позиционирањето, односите со клиентите, како и организациските системи и капацитет. Кај Завар Компани, во однос на продажната стратегија, особено е важна блискоста со клиентите – соработката со нив како продолжена рака на нивните R&D тимови, со кои Завар заедно развива процесна опрема и производи. Ние буквално тимски соработуваме со нашите клиенти, стануваме нивни продолжени тимови, што ни овозможува да ги разбереме нивните потреби и да развиеме специјализирани решенија кои го задоволуваат потребите на нивниот конкретен бизнис. Оваа соработка создава долгорочни партнерства и значително ја подобрува конкурентноста на пазарот.
Како што кажав, финален резултат од спроведената бизнис дијагностика е стратешката мапа за имплементација на стратегијата која ги поврзува четирите димензии.
Иновации и нови проекти
Како се гледа иднината на Завар Компани во контекст на иновациите?

Марта: Од 2008 година се фокусиравме на проекти со додадена вредност и тоа не донесе до сегашната позиција – меѓународно препознатлива компанија. Во последните години развивме смарт радијатори, како и посебно дизајнирана процесна опрема за индустријата. Сакаме да бидеме партнер кој е тешко заменлив и секогаш е чекор напред во синџирот на вредности.
Иднината на Завар Компани во контекст на иновациите се заснова на континуиран развој на нови производи и решенија. Ние активно работиме на иновации кои ќе ги задоволат потребите на пазарот и кои ќе бидат клучни за нашиот раст. Постои посветеност на инвестиции во нови технологии, како и на процесите за унапредување на производството преку автоматизација и дигитализација. Нашата цел е да продолжиме да ја градиме нашата репутација како иновативен и доверлив партнер, кој ја води индустријата и ги создава решенијата на иднината.
Поентата е дека одлуките не смеат да бидат интуитивни, туку свесно донесени – врз основа на релевантни податоци, факти и анализа на внатрешните капацитети, како и на детални пазарни и финансиски анализи. Затоа, многу важно ни е дијагностиката која ја направи Симон да ги даде клучните информации: каде има одредени јазови, што треба да се направи, какви приоритети да поставиме и што ни недостасува за реализација на таа стратегија.
Дијагностиката не само што ни помага да разбереме каде сме, туку и нè води кон тоа што треба да промениме или подобриме. Секој чекор што го преземаме е во контекст на долгорочната стратегија и, благодарение на овие информации, можеме да донесеме информирани одлуки кои ќе обезбедат одржлив раст и развој на компанијата.

Долгорочна релација со бизнис советник
Зошто е важно релацијата бизнис советник– менаџер да биде долгорочна?
Симон: Затоа што довербата, стручноста и свежиот поглед се градат со време. Ние не сме магичари – на крај сè се сведува на работа и тимска соработка. Консултантите не се само надворешни стручњаци, туку и партнери кои, со своето знаење и искуство, помагаат да се носат одлуки кои имаат долг рок. Долгорочната релација овозможува континуирана работа на идентификување на предизвиците, што ја прави нашата соработка ефикасна и значајна
Марта: Како мала компанија не можеме да имаме експерти во сите области. Затоа е важно да имаме проверени партнери за специфични сегменти. Моето размислување беше дека ние се задржуваме во она што е суштина на нашиот бизнис, а за сите работи за кои не сме стручни, имаме долгорочна соработка со компании кои се докажани во своите области. Со Симон, кој има инженерски образовен профил, многу добро се разбираме. Тој не само што го разбира бизнис процесот, туку подлабоко ги разбира и инженерските аспекти на производите и процесите. Ова е голема предност, бидејќи во многу случаи, тој може да ги идентификува проблемите и предизвиците на начин на кој не би можел чисто финансиски советник.
Со неговото познавање на бизнис стратегијата и деловните финансии, како и инженерските процеси, можеме подлабоко да ги разбереме и да ги унапредиме нашите внатрешни процеси. Овој вид соработка ни овозможува да растеме и да донесуваме правилни одлуки. Постојаното следење и анализирање на нашето работење ни помага да ја прилагодуваме стратегијата на новите услови и да одиме во вистинската насока. Долгорочната соработка ни дава можност за континуирано подобрување и обезбедување стабилен развој, со фокус на долгорочни резултати.
Оваа активност е поддржана во рамките на Швајцарскиот проект за модернизација кој го спроведува Свисконтакт. Содржината искажана не смее да се смета дека ги одразува ставовите на донаторот и спроведувачот.