Од 2004 година и од срцето на Монако, уникатниот бренд за накит ZEADES Monte Carlo го одразува медитеранскиот дух на Азурниот брег, каде што како никаде на друго место се негува суптилноста на спојот меѓу високата елеганција и ноншаланцијата.
Основачката на брендот, дизајнерката Даниел Девресе, кога ја прашуваат за потеклото на нејзиниот прв претприемачки нагон, одговара цитирајќи го Ајнштајн: „Чувството и желбата се движечката сила на секоја компанија и на секоја човечка креација“.
И таа веднаш се надоврзува: „Затоа ZEADES во својот накит ги отелотворува чувствата и инспирациите на членовите од креативниот тим. И затоа во нашите креации нема пресметливост, туку дизајн што вообличува чувства, приказни. Сакавме да создадеме нов универзум околу накитот, поаѓајќи од конкретна приказна во секоја од нашите колекции.“

Кога таа вели „нов универзум околу накитот“, има предвид и дека се работи за првиот бренд кој за темел на своите колекции ја поставил кожата, и тоа најфината, селектирана во најдобрите штавилници од Тоскана, каде што ZEADES има свое ателје. Уште еден аспект на уникатностa што ја дава овој материјал, а го потенцира Девресе, е патината од контактот со кожата на оној што го носи накитот, односно соодветното попримање од неговото битисување.
Низ перото на дизајнерката и основачка на брендот оживуваат креации кои покрај погоре споменатите одлики на животниот стил на Монте Карло, одаваат софистицирана енергија и карактер, натопени со даровите на околната природа – блескавата светлина на Француската ривиера, сините хоризонти и одблесокот во Средоземното море.
„Ниту еден друг бренд не ја поставил кожата како темел на својата понуда од накит, а кога го основавме ZEADES веднаш сфативме зошто: технички, тоа подразбира дополнителни компликации. Всушност, две сосем различни професии мора да се спојат и да работат усогласено – од една страна е изработката на накитот, а од друга изработката на кожата. Сѐ повеќе луѓе почнуваат да ја сфаќаат вредноста на работата вклучена при имплементацијата на кожата во дизајнот на нашиот накит, како и нивото на мајсторство потребно за да се добие таа флуидна поврзаност на двата елементи на нашиот накит, произлезени од две различни ателјеа. Овие вредности, за жал, голем дел од луѓето и натаму ги занемаруваат, живеејќи во нашето општество на фрлање, односно на краткотраен интерес“, вели Даниел Девресе.
Таа се сеќава на периодот кога го основале брендот, влегувајќи на неистражена територија:
„Стартната точка ни беше најфината италијанска кожа, мека и сензуална, селектирана во Тосканските штавилници. Во нашиот концепт потоа доаѓа контрастот на таа свиленкасто сензуална кожа со студеното сребро, нерѓосувачкиот челик или благородните камења. Спојувањето на двете комплетно различни професии, изработката на кожа и јувелирството, се покажа како смел и возбудлив предизвик: потребните вештини, методите на работа се сосема различни. Но, ефектот е изразено современ: препознатлива линија од инспириран и инспиративен накит и аксесоари. Нашиот концепт претставува суптилна покана за игра со боите и материјалите, во зависност од расположението во денот… зашто секој ден е различен.“


Секако, кога е во прашање современоста, во ZEADES уште при основањето си зацртале да дизајнираат и произведуваат накит што ќе подразбира процеси во кои ќе се минимизира влијанието врз животната средина. Во соработка со партнери кои ги делат истите еколошки вредности, сите пакувања во кои се испорачуваат производите на ZEADES се FSC сертифицирани (FSC е кратенка од Forest stewardship council, односно Совет за управување со шуми, невладина организација која промовира еколошки целисходно, општествено корисно и економски остварливо менаџирање на светските шуми). Истовремено, каталозите на ZEADES се печатени според Imprim’Vert сертифицирана практика за одржливост, која подразбира правилно одложување на производствениот отпад. И хартијата што се користи за целта поседува соодветен PEFC сертификат (PEFC е кратенка од Programme for Endorsement of Forest Certification, односно Програма за одобрување на серификација на шумите).
Со други зборови, сѐ во ZEADES Monte Carlo е замислено за без никаква грижа на совеста да се ужива во креациите што го рефлектираат сјајот и релаксираноста на Азурниот брег.





