На кинеските власти очигледно им е преку глава од инфлуенсерите на социјалните медиуми кои до вчера објавуваа упатства за шминкање или замена на чешми, а денес се експерти за надворешна политика и царина или делат медицински совети, затоа што усвоија нови правила кои се однесуваат на инфлуенсерите и креаторите на содржини на дигиталните платформи. Регулативата има за цел зголемување на одговорноста и професионализмот во јавниот простор, првенствено на социјалните медиуми.
Така, во согласност со новите правила, луѓето кои зборуваат за професионални теми на социјалните мрежи ќе мора да имаат соодветни квалификации. Оваа мерка, како што се очекуваше, директно ги засега инфлуенсерите кои се занимаваат со области како што се медицината, правото или финансиите, за кои досега не мораа да докажат формално образование – според новите правила, тие ќе мора да имаат диплома, доказ за формално образование или потврдено професионално искуство, пред да почнат да споделуваат совети за чувствителни теми.
Правилата предвидуваат и казни за оние кои ќе создаваат и објавуваат содржини на професионални теми без диплома или соодветен сертификат. Одговорните интернет платформи ќе бидат одговорни за проверка на експертизата, а креаторите кои не ги почитуваат правилата ќе се соочат со привремено или трајно суспендирање на корисничките сметки и можни казни до 100.000 јуани (12.000 евра).
Властите велат дека главната цел на регулативата е да се спречи ширењето на дезинформации и непрофесионални совети, но се очекува и дека ќе има критики поради „затегнувањето“ на правилата. Аналитичарите велат дека потегот може да се протолкува и како желба да се контролира она што се објавува јавно или да се задуши независната мисла во областите каде што алтернативните ставови можат да се прочитаат речиси исклучиво на социјалните мрежи.
Воведувањето на овие правила е дел од поширок тренд на зајакнување на регулацијата на интернет просторот во Кина. Властите веќе некое време работат на потиснување на штетните публикации и зајакнување на личната одговорност за содржината што се споделува на мрежите. Покрај тоа, претходно оваа година, беа воведени правила кои бараат задолжително етикетирање на содржината генерирана од вештачка интелигенција.
(Bug.hr)
(Pexels)



