Португалската и шпанската влада постигнаа договор, со поддршка на Европската комисија, за изградба на брза железничка врска помеѓу Лисабон и Мадрид, што ќе овозможи патување помеѓу двата главни града за околу три часа до 2034 година.
Според планот, директна железничка линија Лисабон-Мадрид треба да се воспостави до 2030 година, кога времето на патување ќе биде околу пет часа, додека до 2034 година, нова брза линија ќе овозможи превоз на патници помеѓу главните градови за приближно три часа, објави португалскиот „Еуроњуз“.
Планот, исто така, вклучува инсталација на Европскиот систем за управување со железничкиот сообраќај (ERTMS) на неколку делници помеѓу Лисабон и Мадрид, што ќе ја подобри интероперабилноста и безбедноста во сообраќајот.
„Новата железничка врска помеѓу Лисабон и Мадрид претставува конкурентна алтернатива на повеќе од 40 дневни летови помеѓу двата главни града, овозможувајќи им на патниците поудобен и еколошки начин на транспорт“, соопшти португалското министерство.
Се додава дека „скратувањето на времето на патување на околу три часа до 2034 година ќе придонесе за зајакнување на територијалната и економската поврзаност, како и за намалување на емисиите на стакленички гасови“.
Како што беше истакнато, проектот се вклопува во европската стратегија за одржлива мобилност и прекугранична железничка поврзаност, со инвестиции во инфраструктура, технолошка модернизација и интероперабилност на железниците.
„Ова е историски чекор во поврзувањето на Португалија и Шпанија, бидејќи Лисабон и Мадрид ќе бидат оддалечени само три часа до 2034 година“, рече португалскиот министер за инфраструктура Пинто Луж.
Европската комисија објави дека овој проект претставува „клучен чекор во зајакнувањето на поврзаноста во рамките на Европската Унија“ и дека придонесува за целосна интеграција на Португалија и Шпанија во европската мрежа на брзи железници.
Фото – Wallpaper Flare


 
                                    
