Струјата поскапува. Ова е речиси сигурно, откако државните електрани му понудија на ЕВН Хоум за безмалку 5% поскапа електрична енергија. Од 62 евра колку што чинеше досега, ЕСМ на универзалниот снабдувач отсега ќе му ја продава струјата по 65 евра за мегават час.
Ова е епилогот од тендерот на ЕВН Хоум, на кој понуда испрати единствено ЕСМ, која важи за целата идна година, за покривање на 100% од вкупно планираниуте количини.
„Оваа цена е повисока за 4,84 % од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач (јуни-декември 2025), кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена од 62 евра за мегаватчас. Под комплетен надзор на Регулаторната комисија за енергетика и согласно законските обврски и претходно утврдената методологија, во наредниот период ЕВН Хоме ќе ја пресмета цената на електрична енергија по однапред утврдени влезни параметри.“
Новата цена е утврдена на затворена седница на Владата. Пред два дена премиерот Мицкоски рече дека цената која што ќе ја понуди ЕСМ на тендерот, ќе биде и негов предлог на Влада. Ако се знае дека овој параметар е најважниот при формирањето на конечната цена, а притоа се земат предвид изјавите на Регулаторна дека не очекуваат зголемување на цената на преносот и дистрибуцијата, се очекува граѓаните од 1 јануари да плаќаат за околу 4% поскапа струја. Сепак, од ЕВН Хоум потсетуваат дека крајната цена ја формираат и други параметри.
„Во крајната цена влегуваат цената по која АД ЕСМ ја продава електричната енергија на ЕВН Хоме, цената на преносниот систем оператор МЕПСО, цената на Операторот на пазар на електрична енергија МЕМО, како и цената на Дистрибутивниот систем оператор Електродистрибуција.“
Од лани, цената на електричната енергија ја пресметува ЕВН Хоум, а Регулаторна само контролира и потврдува дали се точни пресметките. До крајот на месецов се очекува Регулаторна да ја соопшти цената за преносот и дистрибуцијата која се уште е под нејзина капа, но и новата цена на парното. Поскапувањето на струјата ќе биде нов удар по џебот на граѓаните, покрај секојдневните поскапувања на храната.
(ТВ24)



