Цените на алкохолните пијалоци во Европа драстично варираат, а податоците на Евростат покажуваат дека нордиските земји, Турција и Ирска имаат највисоки цени, дури и до три пати повисоки од просекот во ЕУ.
Цените на алкохолните пијалоци во Европа значително варираат најчесто поради даноците што се користат за намалување на штетните ефекти од прекумерната консумација на алкохол. Според податоците на Евростат, во просек, 1,50 евра од секои 100 евра потрошувачка на домаќинствата во ЕУ се издвојува за алкохолни пијалоци. Сепак, уделот на алкохолот во вкупната потрошувачка значително варира од земја до земја.
Индексот на ценовното ниво, кој ја споредува цената на истата „кошничка“ алкохолни пијалоци низ цела Европа, е добар показател за разликите. Просекот во ЕУ е поставен на 100, па ако кошничка со пијалоци чини 100 евра на ниво на ЕУ, индексот покажува колку би чинело во секоја поединечна земја. Индекс над 100 значи дека цените се повисоки од просекот во ЕУ, додека број под 100 укажува на поевтин пазар.
Според податоците од 2024 година, Исланд е најскапата земја во Европа кога станува збор за алкохол, гледано од 36 земји (земји-членки на ЕУ, земји-кандидатки и земји на ЕФТА). Во Исланд пијалоците што чинат 100 евра во ЕУ чинат дури 285 евра, што е за 185% над просекот на ЕУ. Исто така, на врвот на листата се Норвешка (226 евра), Финска (210 евра) и Турција (203 евра), што значи дека алкохолот во овие земји е повеќе од двојно поскап од просекот на ЕУ.
Ирска е многу блиску до тоа ниво, со цена од 198 евра. Трите најскапи земји се во нордискиот регион, додека Шведска (146 евра) и Данска (125 евра) се исто така над просекот.
Најниските цени на алкохолот се забележани во Италија, Германија и во Австрија. Во Италија кошничка алкохол што чини 100 евра во ЕУ чини само 84 евра, 16% помалку од просекот. Во Германија истата сума чини 87 евра, а во Австрија 90 евра. Шпанците плаќаат 91 евро за него. Ова значи дека алкохолот е генерално поевтин во четирите најголеми економии на ЕУ отколку во остатокот од блокот.
Единствен исклучок е Франција, каде што цената е 102 евра, само 2% над просекот. Споредбата на цените на алкохолот не го зема предвид нивото на плати или други форми на приходи.
„Важно е да се направи разлика помеѓу цената на алкохолот и неговата достапност“, изјави за Euronews Business професорот Колин Ангус од Универзитетот во Шефилд.
Земја со ниски цени на алкохол, но и ниски приходи сепак може да има мала достапност на алкохол, додека може да биде и обратно.
„Даноците се клучен фактор во разликите во цените. Повисоките акцизи се една од главните причини зошто алкохолот е поскап во некои европски земји, особено во северна Европа“, додаде Ангус.
Тој вели дека во региони како Скандинавија, Ирска и Велика Британија високите даноци се во голема мера одговор на високото ниво на консумирање алкохол и штетата што произлегува од тоа. Во 2020 година, последната година кога Велика Британија беше вклучена во споредбата, нејзиниот индекс беше 139 во споредба со просекот на ЕУ од 100.
„Медитеранските земји денес имаат значително пониски нивоа на консумирање алкохол и штета и затоа имаат помала потреба од високи даноци за да се обесхрабри прекумерното пиење“, објасни тој.
Д-р Јакоб Мантијс од Универзитетот во Хамбург, исто така, нагласува дека разликите во цените на алкохолот се првенствено резултат на различните стапки на акцизи.
На пример, во 2020 година земјите со најголем удел на данок во малопродажната цена на пивото беа Финска, Турција, Норвешка, Естонија и Исланд, каде што уделот на данокот беше помеѓу 28% и 39%. За жестоките пијалоци даноците се уште повисоки, достигнувајќи 50% или повеќе. Во земјите со ниски даноци овој удел е 10% или помалку.
„Податоците покажуваат дека голем дел од конечната цена се формира токму преку акцизи“, изјави Мантиј. Тој истакнува дека зголемувањето на даноците не само што ја намалува потрошувачката, туку и ги зголемува државните приходи.
Колин Ангус додава дека друг важен фактор во одредувањето на даноците, барем кога станува збор за виното, може да биде обемот на домашното производство. Земјите што произведуваат големи количини вино генерално имаат минимални или никакви даноци на овој пијалок, додека земјите што не произведуваат вино имаат тенденција да наметнуваат повисоки даноци.
(Euronews Business)





























