Според новата листа базирана на податоци од Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (IATA), пасошите од целиот свет се рангирани според бројот на дестинации што нивните носители можат да ги посетат без виза.
Сите податоци дополнително се проверуваат и се ажурираат од Henley & Partners со својот истражувачки тим. На секоја дестинација му се доделува еден поен ако влезот е без виза или ако визата може да се добие по пристигнувањето.
Вкупниот број на поени го одредува рангирањето, без субјективни фактори како што се економијата или безбедноста. Индексот се ажурира квартално.
Според тие податоци, ова се првите 15 најмоќни пасоши во светот:
1.Сингапур – 193;
2.Јужна Кореја – 190;
3.Јапонија – 189;
4.Белгија, Данска, Финска, Франција, Германија, Ирска, Италија, Луксембург, Холандија, Шпанија, Швајцарија – 187;
5.Австрија, Грција, Норвешка, Португалија, Шведска – 186;
6.Унгарија, Малта, Нов Зеланд, Полска, Словачка, Словенија – 185;
7.Хрватска, Австралија, Чешка, Естонија, Обединети Арапски Емирати, Обединето Кралство – 184;
8.Канада, Латвија – 183;
9.Лихтенштајн, Литванија – 182;
10.Исланд, Малезија – 181;
11.САД – 180;
12.Бугарија, Романија – 179;
13.Кипар – 178;
14.Монако – 177 и,
15.Чиле – 175.
Сингапур и понатаму е најмоќниот пасош во светот, со пристап до 193 земји без потреба од добивање виза однапред. Овој континуитет не е резултат на еднократни политички одлуки, туку долгорочна стратегија фокусирана на трговијата, дипломатијата и меѓународната отвореност, што се рефлектира во индексот со години.
Јужна Кореја и Јапонија одржуваат многу високи позиции благодарение на стабилните билатерални односи и силните регионални и глобални врски, додека европските земји продолжуваат да го формираат ‘рбетот на самиот врв на листата.
Дури 21 европска земја се наоѓаат помеѓу четвртото и шестото место, што потврдува дека ЕУ продолжува да функционира како еден од најсилните блокови за слобода на движење во светот.
Македонија е на 41. место, со безвизен режим со 129 земји. Од соседите, најдобро е рангирана Грција, на петто место и безвизен режим со 186 земји. Потоа следува Бугарија на 12. место (179 земји), па Србија на 35. (137 земји), Албанија на 46. (122 земји) и Косово на 62. (81 земја).
(Index.hr/B92)



