Од денеска Бугарија е 21-ва членка на финансиската еврозона – еврото е официјална валута. Одлука за пристапување кон еврозоната беше донесена 8 јули минатата година, кога Бугарија го доби согласност од Советот на ЕУ за економски и финансиски прашања и Европскиот парламент.
Со ова, Бугарија ја исполни својата обврска според Договорот за пристапување во ЕУ, потпишан на 25 април 2005 година.
Девизниот курс од 1 евро = 1,95583 лева е фиксен и задолжителен за сите државни институции, банки, трговци и граѓани. Нема опасност левот да ја изгуби својата вредност, бидејќи фиксниот девизен курс обезбедува конверзијата да биде иста за сите.
Во текот на целиот месец јануари, плаќањата во готово може да се вршат и во евра и во левови. Кусурот се враќа само во евра, освен во случај на недостаток на средства, но не може да биде во двете валути истовремено.
Денеска сите тековни, депозитни, штедни и други сметки во локалните банки – ќе бидат конвертирани во евра еднократно, автоматски и бесплатно, а од 1 февруари, сите плаќања ќе се вршат само во евра, но размената на левови ќе продолжи и по овој датум.
До 30 јуни 2026 година, сите банки во земјата, како и поштите во населбите без банкарски филијали, ќе менуваат левови бесплатно по фиксен курс. Поштите имаат дневен лимит од 1.000 лева по лице за размена без претходно барање, а за износи помеѓу 1.000 и 10.000 лева, потребно е барање, кое ќе биде обработено во неколку работни дена.
Периодот на задолжително двојно означување на цените на стоките и услугите во евра и лева, кој започна на 8 август 2025 година, ќе заврши на 8 август 2026 година.
Фото – Flickr


