Уникатна иновација на Снежана Трајковска, свеќа која се јаде!

- Advertisement -

Снежана Трајковска oд Скопје е креаторка на свеќа која се јаде! Уникатен и иновативен производ, прв во земјава и пошироко

Снежана Трајковска за себе вели дека е обична жена, но вистината е дека таа има многу таленти и идеи по кои е препознатлива во домашната јавност. Покрај тоа што по професија е правник, таа има пасија кон ракотворбите, а од дете изработува накит, со макарони, со монистри, прави фигури од камен, а во последно време и свеќи од соја восок. Ужива и во готвењето, па своите хобија неодамна ги спои во еден уникатен и ултра иновативен производ – свеќа која се јаде.

Во моментов јадливите свеќи ги има неколку вкусови, солени и слатки, кои наскоро ќе можат да бидат достапни за сите купувачи. Снежана вели дека експериментира и со нови вкусови за јадливите свеќи, кои се инспирирани од нашето поднебје и зачините кои ги користиме во секојдневието, а има и веганска верзија.

- Advertisement -

Новинар – Сања Наумовска

Снежана, вие правите еден многу интересен и иновативен продукт, свеќи кои се јадат. Раскажете ни како започна оваа приказна и од каде воопшто идејата?

- Advertisement -

Идејата за јадливите свеќи се роди сосема спонтано, како резултат на моето учество во АМПЛЕ програмата 2025, поддржана од EIT Food. Програмата е креирана со цел да ги поддржи и економски зајакне жените во прехранбениот сектор преку иновации, претприемништво и современи бизнис решенија.

Клучна улога во успешната имплементација на АМПЛЕ Скопје имаше Вита Нова, како водечки имплементациски партнер, со Загорка Блажевска како координатор на проектот, чија стратешка визија и професионален пристап овозможија иновативните идеи да се трансформираат во конкретни и одржливи производи, а проектот беше реализиран во тесна соработка со Општина Кисела Вода. Стручен придонес обезбеди и Нутри Баланс, првото здружение на диететичари и нутриционисти предводено од Бојана Јанеку, особено во делот на нутритивната валидност, безбедноста и функционалната вредност на производот.

- Advertisement -

Благодарение на поддршката од EIT Food, како и квалитетната имплементација на АМПЛЕ програмата 2025 преку Вита Нова и партнерската соработка со Општина Кисела Вода и Нутри Баланс, оваа иновативна идеја, јадливи свеќи, доби јасна насока, структура и потенцијал за пазарна примена.

Што ве инспирираше да почнете ваков бизнис?

Кога влегов во АМПЛЕ приказната бев во фаза на транзиција. Имено, после речиси 32 години работно искуство и мојата вокација од областа на правото, се запрашав што понатаму. Во слободно време мојата креативност ја насочив во изработка на свеќи од еко соја восок. Благодарение на АМПЛЕ, приказната од изработка на декоративните свеќи и благодарение на менторките од проектот, моите восочни свеќи се претворија во јадливи свеќи. По оваа идеја почнав да истражувам како една свеќа може да биде јадлива, а да не е штетна по здравјето на луѓето при консумирање, како јачината на огнот може да има влијание и сето тоа беше нов предизвик за мене. Како решение се роди првата јадлива свеќа во Македонија, прва е и во регионот, а сигурна сум и пошироко.

Објснете ни го процесот во кој се прави една свеќа која може да се јаде?

Целиот процес при изработка на една јадлива свеќа за жал не можам да ви го презентирам, бидејќи на тој начин ќе ја откријам тајната за изработка на свеќата. Во принцип постојат видеа за изработка на јадливите свеќи, но најголемата тајна е фитилот и зачините кои ги користам за аромата која ја шири додека гори. Целиот процес беше долг со многу неуспешни експерименти за да дојдам до финален производ. Вкусот го прилагодив на нашето поднебје и секако користам намирници кои се од нашето опкружување. Без нашето автохтоно старо лукче, доматче, буковец, нашите зачини, вкусот на свеќата не би бил тоа што во моментов е финален производ. И секако приказната не завршува тука, моите експерименти за вкусови и намирници продолжуваат понатаму.

Каков тип на суровина користите? Од што се направени свеќите кои се и храна?

Основата на свеќата е високо квалитетен путер и додатоци. Се останато како што веќе споменав, се намирници од нашето поднебје. Секако, покрај солената верзија, направив и слатка верзија која е омилена кај консументите на јадливите свеќи, тоа е кралицата на слатките, чоколадото.

Како реагираат вашите купувачи кога ќе дознаат дека свеќите се всушност солени и слатки деликатеси?

Интересна е реакцијата на консументите, како што секоја индивидуа има свој карактер и вкус, таква е реакцијата и кон јадливите свеќи. Голем дел од луѓето имаат позитивна реакција и сакаат да пробаат нешто ново, да доживеат ново гурманско искуство. Дел од луѓето мислат дека свеќите се восочни и декоративни и дека можат истите да се консумираат. Тука веќе има објаснување дека овие свеќи не се направени од восок и дека се со намирници кои веќе се користат во секојдневието, но презентацијата е поинаква. Сепак, оние храбрите и хедонисти кон храната, ја пробаа и сите имаа позитивна критика за вкусот на јадливата свеќа.

Кои вкусови се најмногу барани?

 Во моментов на менито имам два официјални вкуса, солената верзија со сушен домат и чоколадната. Дополнително направив свеќа со вкус на песто и уште една слатка верзија со вкус на ф’стаци за кои исто така добивам позитивни реакции. Имам и веганска слатка верзија која е направена од кокосово масло, кора од портокал и цимет. Во моментов работам повеќе на веганската солена верзија. Нови вкусови и идеи се уште доаѓаат, но за тоа понатаму.

Како и каде може да се нарачаат вашите производи и дали има достава?

Во моментов само мал круг гурмани можат да ја пробаат свеќата бидејќи во тек сум е потрага по деловен простор. Во план ми е да биде достапна преку онлајн нарачки за што ќе има известување на инстаграм страната Candlelicious_edible_candle. Секако за контакт заинтересираните можат да се обратат на електронската пошта Sales.Candlelicious@outlook.com.

Во преговори сум и со ресторани кои ќе можат јадливата свеќе да ја нудат на своите гости. Сепак се работи за едно ново гурманско искуство, хедонизам со кои се будат сите сетила додека гори пламенчето на свеќата, мирис, арома, вкус, а најважно на се, целта за која е создадена Candlelicios, да ги зближи луѓето околу вкусната јадлива свеќа без разлика дали се работи за семејството или пријателите. Моментот на спој на сите луѓе во светот е храната и софрата, а во случајов додека гори свеќата и ја шири својата арома, сите се споени и уживаат во разговорот и вкусот кој го има јадливата свеќа.

Што е пресудно за успех кога почнувате нов и иновативен бизнис?

Се во животот треба да се проба и никогаш не е доцна да се започне нешто ново. На прво место е желбата да создадеш нешто што досега го немало на пазарот, вложување на труд и секако поддршката од семејството. Покрај поддршката која ја имав зад себе од АМПЛЕ проектот, секако многу ми значеше поддршката од домашните кои беа цело време покрај мене во моите експерименти. Заедно поминавме часови, денови, месеци додека не откривме како ќе функционира јадливата свеќа. Тука беше клучен и вкусот кој се дотеруваше според нашето непце, реакцијата на пријателите кои ја пробуваа во експерименталната фаза и секако драгите учеснички од АМПЛЕ проектот кои меѓу првите ја пробаа јадливата свеќа. На завршниот АМПЛЕ настан добив позитивни реакции за јадливата свеќа, што беше и мотив повеќе дека овој нов иновативен начин за подготовка на храна може да биде и мотив за нов бизнис.

Какви се вашите планови за во иднина?

Тешко прашање особено што сум една креативна водолија и секогаш во главата имам милион проекти кои сакам да ги започнам и да траат. Во моментов планот е да ја направам јадливата свеќа достапна на нашиот пазар, а потоа експанзија на пазарот и во регионот. Благодарение на моето учество, како и на учеството на уште неколку мотивирани и претприемачки ориентирани жени во рамки на АМПЛЕ програмата 2025, беше иницирано и формирано здружението АМПЛЕ Скопје, кое ќе продолжи активно да работи на развој и имплементација на вакви иновативни иницијативи, со цел да ги охрабри, поддржи и мотивира жените претприемачи. Како претставник на здружението, ги охрабрувам сите да ми се обратат, сигурна сум дека ќе бидеме успешни, бидејќи секоја индивидуа во себе носи инспиративна и иновативна приказна.

Сподели!
- Advertisement -