Американскиот милијардер Илон Маск, сопственик на Tesla и вселенската компанија SpaceX, повторно ја разбранува јавноста, овој пат навестувајќи дека би можел да го купи Ryanair, најпознатата нискобуџетна авиокомпанија во Европа.
На социјалната мрежа X, Маск ја тагна ирската авиокомпанија и во својот препознатлив стил, праша колку би чинело нејзиното купување. Според Forbes, ова е уште еден сигнал дека тој размислува да преземе компанија која во моментов се соочува со сериозни деловни предизвици.
Кратко потоа, Маск отиде чекор понатаму, започнувајќи анкета меѓу своите следбеници, прашувајќи ги дали треба да го купи Ryanair. До 15:30, часот гласале повеќе од 300.000 корисници, а дури 79% од нив сметале дека тоа би било добра идеја.
Оваа приказна добива дополнителна тежина кога ќе се земе предвид дека Маск веќе нуди интернет во авион преку сателитите Starlink, кои се во сопственост на SpaceX. Сепак, извршниот директор на Ryanair, Мајкл О’Лири, неодамна остро ја критикуваше идејата, нарекувајќи го Маск „идиот – иако многу богат“, што дополнително ја ескалираше нивната јавна расправија.
Според О’Лири, годишните трошоци за инсталирање на антени на Starlink само во авионите би биле помеѓу 200 и 250 милиони долари, додека тој ги опиша услугите на Маск како премногу скапи и непрактични за деловниот модел на Ryanair.
Во подкаст, извршниот директор на ирската компанија отфрли каква било можност за инсталирање на системи Starlink, тврдејќи дека Маск нема никакво познавање за авијацијата, аеродинамиката или отпорот на воздухот.
Кога социјалната мрежа X доживеа глобален прекин во петокот, официјалниот профил на Ryanair, познат по својот остар хумор, ја искористи можноста да се пошегува со профилот на Маск со коментарот: „Можеби ви треба Wi-Fi?“
Маск не се воздржа. Тој брзо одговори сугерирајќи дека можеби ќе се обиде да го купи Ryanair и да постави лице по име Рајан на чело на компанијата.
Објавата имаше повеќе од 9,5 милиони прегледи до вчера попладне, што јасно покажува колку јавноста беше заинтригирана од потенцијалната „авијациска авантура“ на Маск.
(Bizlife)































