Tesla објави дека почнувајќи од 14 февруари 2026 година ќе престане да продава опција за еднократно купување за својот софтвер за целосно самостојно возење (надгледувано), кој сега може да се користи само преку месечна претплата, во обид да ја зголеми својата корисничка база и да генерира долгорочни приходи од софтверот.
Компанијата објави радикална промена во начинот на кој ги продава своите напредни функции за возење без возач, познати како целосно самостојно возење (надгледувано). Наместо претходната опција клиентите да платат голема сума еднаш и да добијат траен пристап до софтверот, извршниот директор Елон Маск објави дека почнувајќи од 14 февруари 2026 година, FSD ќе биде достапен исклучиво како месечна претплата.
Досега, клиентите во Соединетите Американски Држави можеа да изберат да го додадат FSD на својот автомобил со плаќање еднократна такса (моментално околу 8.000 долари) или да се одлучат за месечна претплата од околу 99 долари. После февруари опцијата за еднократно плаќање ќе биде отстранета за новите клиенти, а единствениот начин за користење на FSD ќе биде преку претплата.
Овој потег претставува голема промена во стратегијата на Tesla, која долго време го третираше целосното самостојно возење речиси како „дигитална надградба“ на возилото, со ветување дека софтверот ќе стане сè поспособен и дека еден ден ќе овозможи целосно автономно возење без надзор на возачот – ветување кое сè уште не е исполнето.
Промената во моделот на продажба има неколку практични и финансиски импликации. Од една страна, преминот кон претплата ја намалува бариерата за влез за клиентите кои не се подготвени веднаш да платат големи суми, потенцијално зголемувајќи го бројот на активни корисници на FSD. Ова е особено важно бидејќи Tesla претходно призна дека само околу 12% од сопствениците користат FSD, што не беше доволно за брзиот раст на приходите од софтвер.
Од друга страна, преминот кон модел на претплата е клучен и за сопствените финансиски цели на Маск. Меѓу условите за неговиот голем пакет за компензација е достигнување на еден милион активни претплатници на FSD, што би му овозможило да собере дел од својата награда.
Trsla е исто така под интензивен регулаторен притисок за означување на FSD како целосно самостојно возење, додека функцијата сè уште бара надзор од возачот и подготвеност за преземање контрола. Новиот модел на продажба би можел да ѝ помогне на компанијата да ги ограничи потенцијалните правни ризици поврзани со тврдењата за автономија што сè уште не се постигнати.
Останува прашањето како промената ќе ја перцепираат клиентите: некои може да ја поздрават пониската почетна цена, додека други веруваат дека претплатата може да биде поскапа и помалку привлечна на долг рок, особено ако функционалноста целосно самостојно возење остане недоволно развиена со текот на времето во споредба со ветувањата од претходните рекламни кампањи на Tesla.
Преминот кон модел на претплата за FSD, исто така, истакнува поширока трансформација во автомобилскиот сектор, каде што повеќе производители се обидуваат да го претворат софтверот во постојан извор на приходи, а не во еднократен додаток.
(TechCrunch)



























