Во неодамнешно интервју за подкаст Илон Маск повторно издаде остро предупредување за растечкиот долг на САД, нагласувајќи дека без масовна примена на вештачка интелигенција и роботика земјата ќе банкротира 1000%. Според него, не постои алтернативно решение што би можело да ги стабилизира јавните финансии.
Маск тврди дека единствениот реалистичен излез од должничката криза е да се обезбеди време за широка примена на вештачка интелигенција и роботи, со цел да се намали товарот на долгот преку зголемена продуктивност и економска активност. Без овој технолошки моментум, предупредува тој, САД би можеле да западнат во финансиски колапс пред новите технологии дури и да се развијат.
За време на интервјуто беше прашан зошто, и покрај неговото верување во технолошкиот раст, како раководител на Министерството за владина ефикасност на САД (DOGE), силно инсистирал на намалување на буџетските расходи. Маск одговори дека таквиот пристап е неопходен поради, како што наведува, широко распространетото расипништво и измами во рамките на државниот апарат.
Тој изјави дека јавниот долг на САД моментално изнесува околу 38,5 трилиони долари, додека годишните трошоци за камати веќе го надминаа воениот буџет на САД, како и расходите за одредени клучни социјални програми. „Без вештачка интелигенција и роботи, навистина сме готови“, повтори Маск, нагласувајќи дека ова е единствениот механизам што може да ја промени фискалната траекторија на земјата на долг рок.
Маск и претходно изрази слични ставови, предупредувајќи дека масовната примена на вештачката интелигенција и роботиката може да доведе до силен раст на производството на стоки и услуги, но и до сериозна дефлација. Ова, според него, би го решило проблемот со долгот, но со нови макроекономски предизвици.
Реј Далио, основач на најголемиот хеџ фонд во светот Бриџвотер, претходно предупреди за растечките ризици од американскиот долг. Далио верува дека САД влегуваат во таканаречена „спирала на смртта на долгот“, во која новото задолжување се користи за отплата на каматата на постојниот долг. Сепак, за разлика од Маск, Далио не очекува формален банкрот, туку прибегнување кон печатење пари, што би довело до забрзано слабеење на доларот.
Падот на куповната моќ на американската валута е веќе видлив. Според податоците од Федералните резерви во Минеаполис, 100 долари во 2025 година ќе вредат само 12,06 долари во 1970 година. Маск претходно предупреди дека ако продолжи сегашниот тренд на зголемување на долгот, доларот на крајот „ќе стане безвреден“.
(Benchmark)
(фото: Needpix)






























