Бизнис ангели инвестираа во македонскиот стартап KALLIQ кој развива иновативна платформа за ефикасна продажба

- Advertisement -

Zephyr Angels, македонската и регионална ангел-инвестициска мрежа фокусирана на поддршка на стартапите од рана фаза со глобален потенцијал, официјално инвестираше во KALLIQ – иновативна SaaS платформа за outbound продажба, наменета за мали и средни продажни тимови. Инвестицијата претставува стратешка поддршка за понатамошен развој на продуктот, зајакнување на ‘go-to-market’ стратегијата и забрзување на првичната комерцијализација.

Ова дефинитивно е вест на неделата што измина. Инвестицијата од Zephyr Angels во македонскиот стартап Kalliq испрати силна порака до регионалната технолошка сцена – домашни тимови можат да градат решенија со глобален потенцијал. Но секоја инвестиција е само почеток. Вистинското прашање е: што следува по довербата од инвеститорите?

- Advertisement -

Во ова интервју разговараме со Кристијан Спасовски, соосновач на Kalliq, за тоа како ќе ја искористат свежата капитална инјекција, кои се следните чекори во развојот на платформата што го трансформира продажниот процес и како планираат од македонска стартап приказна да прераснат во сериозен глобален играч.

Новинар – Верица Јoрданова

- Advertisement -

Најпрвин, честитки за инвестицијата. Може ли да споделите информации колку изнесува инвестицијата што ја направи Zephyr Angels во KALLIQ?

Ви благодарам. Станува збор за pre seed инвестиција, односно рана фаза на поддршка на стартап, а износот во оваа фаза не го објавуваме јавно. За нас најважно е што добивме партнери кои имаат искуство во градење компании и кои ја препознаа вредноста на тоа што го градиме.

- Advertisement -

Соработката со Zephyr Angels започна во мај 2025 година, преку Founder Games програмата, каде имавме можност да го претставиме KALLIQ пред инвеститори. Преку заеднички контакт, Ана Диневска, бевме поврзани со Гого Рафајловски, што доведе до нашиот прв разговор. Она што започна како обично запознавање постепено прерасна во серија состаноци со повеќе членови на Zephyr Angels, меѓу кои Драган Димитров, Гого Рафајловски, Игор Мишевски, Ристе Маревски, Коста Карпузовски, Илија Јолевски, Емир Зекјовиќ и Владимир Митрески.

Процесот траеше околу шест месеци. Во тој период имавме можност да ја објасниме нашата визија, но исто така и тие да нè запознаат како тим. Кога ја добивме потврдата за инвестицијата пред околу два и пол месеци, секако останавме професионални во моментот, но искрено бевме многу возбудени што ќе можеме да продолжиме со поддршка од луѓе кои веруваат во нас и во потенцијалот на KALLIQ.

Како се дојде до одлуката Zephyr Angels да инвестира во KALLIQ? Што го привлече нивното внимание?

Имам 27 години и повеќе од три години работев како Sales Development Representative, односно директно во продажба преку телефон. Во тој период имам направено над 100.000 повици, што ми даде јасна слика колку е важна ефикасноста во овој процес и колку постоечките алатки често не се прилагодени на реалните потреби на продажните тимови.

KALLIQ настана токму од тоа искуство. Наместо да се потпираме на претпоставки, го градиме решението врз основа на реална работа и секојдневни ситуации. Мислам дека инвеститорите го препознаа токму тоа, како и фактот дека веќе работиме со продажни тимови кои активно го користат софтверот.

Дали Zephyr Angels вложи само финансиски средства или и други ресурси?

Покрај финансиската поддршка, добиваме и пристап до нивното искуство, совети и мрежа на контакти. Ова е особено вредно во оваа фаза, бидејќи ни помага да донесуваме подобри одлуки и да се движиме во вистинската насока.



Може ли да ни објасните што точно е KALLIQ?

KALLIQ е софтвер кој им помага на продажните тимови поефикасно да контактираат потенцијални клиенти преку телефон. Во индустрии како SaaS компаниите и B2B продажните агенции, телефонската комуникација е секојдневен дел од процесот на стекнување нови клиенти.

На пример, една продажна агенција може да има тим од неколку до неколку десетици продажни претставници, каде секој од нив прави голем број повици дневно. Во таква средина, дури и мало подобрување во процесот може значително да влијае на продуктивноста. KALLIQ го поедноставува овој процес и им овозможува на тимовите да се фокусираат на разговорите, наместо на техничките чекори.

Софтверот се развиваше околу девет до десет месеци и од самиот почеток беше создаден со јасна цел да им помогне на мали и средни тимови да работат поефикасно.

Дали продуктот веќе е целосно развиен или е во бета фаза/ тестирање?

KALLIQ е веќе live и активно се користи од пилот корисници, најчесто B2B продажни агенции со тимови од 2 до 30 продажни претставници. Работиме директно со овие тимови и врз основа на нивното искуство постојано го подобруваме софтверот.

Кои резултати досега ги покажа KALLIQ и каде се неговите потенцијали за скалирање?

Outbound продажбата е еден од главните начини на раст за многу компании, особено во технолошките и B2B индустриите. Продажните тимови секојдневно се потпираат на директна комуникација со потенцијални клиенти, и затоа алатките што ги користат имаат директно влијание врз нивните резултати.

Она што го гледаме е дека постои јасна потреба за поедноставни и поефикасни решенија, особено кај мали и средни тимови.

Што го разликува KALLIQ од другите алатки за outbound продажба кои постојат на пазарот?

KALLIQ е создаден од перспектива на луѓе кои реално работеле во продажба и ги разбираат секојдневните предизвици. Наместо комплексен систем, фокусот е на едноставност, брзина и практичност.

Решението е прилагодено за тимови кои сакаат ефикасна алатка што ќе им помогне во нивната секојдневна работа, без непотребна сложеност. На овој начин се позиционираме како модерна алтернатива на постоечките решенија што се широко користени на овие пазари.

Кои конкретни проблеми ги решава KALLIQ кај малите и средни продажни тимови? Како?

Главниот проблем што го решаваме е неефикасноста во процесот на продажба. Кога продажните претставници губат време на рачни активности и технички чекори, тоа директно влијае на нивните резултати.

 KALLIQ постои затоа што малите и средни продажни тимови заслужуваат алатка која е прилагодена на нивните реални потреби и им помага да работат поефикасно.

За што ќе се употребат средствата од инвестицијата?

Средствата ќе ги искористиме за унапредување на платформата, додавање нови функционалности и внимателно проширување на тимот. Нашата цел е да изградиме мал, но ефикасен тим, со фокус на локални таленти кои го разбираат продажниот процес и пазарот на кој работиме.

Кои се првите чекори за развој на продуктот по оваа инвестиција?

Фокусот останува на подобрување на софтверот и работа со нови клиенти. Нашата цел во следните 12 месеци е да работиме со околу 40 до 60 компании и постепено да го зацврстиме нашето присуство на пазарот.

На кои пазари прво ќе се фокусира KALLIQ – Македонија, САД, Европа или глобално?

Нашиот главен фокус се САД и Канада, каде outbound продажбата е широко користена, особено во SaaS компаниите и продажните агенции. Тоа се пазари каде телефонската продажба е стандарден дел од работењето и каде постои јасна потреба за вакви решенија.

Дали имате стратешки партнери или корисници веќе определени надвор од македонскиот пазар?

Да, веќе работиме со компании надвор од Македонија кои активно го користат софтверот како дел од нивниот продажен процес.

Што ве инспирираше да основате токму ваков продукт и која е визијата на тимот за KALLIQ во наредните 3–5 години?

По образование сум медицински лабораториски техничар, но мојата кариера ме однесе во продажба, каде стекнав директно искуство со предизвиците на оваа работа. Тоа искуство беше главната инспирација за создавање на KALLIQ.

Нашата визија е да изградиме стабилно и доверливо решение кое ќе им помогне на продажните тимови да работат поефикасно, додека истовремено градиме силен и ефикасен тим базиран во Македонија.

Сподели!
- Advertisement -