Паркирањето е еден од најголемите проблеми во градовите низ целиот свет. Австриската престолнина, Виена, покажува дека решавањето на овој проблем може да се направи со поголема грижа за климата, но и за потребите на жителите на градот.
Австриската престолнина, веќе позната по сообраќајните метежи и фрустрациите при барање паркинг место, одлучи да примени сосема поинаков пристап. Наместо да гради нови паркинг места, Виена сè повеќе ги отстранува.
Целта е да се разбијат бетонските површини не само за да се одржи градот посвеж во лето, туку и да се охрабрат жителите да користат други форми на транспорт.
Градот спроведува повеќе од 350 проекти за претворање на асфалтот во зелени и јавни површини. Се отстрануваат многу паркинг места, вклучително и на централниот плоштад Нојер Маркт. Оваа историска локација, која се наоѓа веднаш до некои од најпознатите туристички атракции, некогаш била полна со паркирани автомобили. Денес, плоштадот е зона само за пешаци, со дрвја и клупи за жителите и посетителите на Виена.
Една од главните сообраќајници во градот е трансформирана во велосипедска патека по моделот на оние во Холандија. Таму 140 паркинг места беа отстранети за да се создадат 1,3 километри велосипедски патеки и зелени површини.
Ваквите сеопфатни интервенции го отворија патот за таканаречените „оази на соседството“, проекти во кои групи жители можат да побараат од градскиот округ да претвори одреден паркинг простор во простор за заеднички градини, надворешни трпезарии или детски игралишта.
Се случи уште една важна промена: Виена повеќе нема бесплатен паркинг. Во 2022 година беше воведен единствен систем за такса за паркирање на ниво на целиот град, што значи дека секое паркинг место се наплаќа. Новодојденците во градот можат да ги остават своите автомобили максимум два часа.
Сите овие промени, секако, го отежнаа уште повеќе наоѓањето паркинг во центарот на Виена, но градот обезбеди и алтернатива. Постави неколку паркинзи „Паркирај и вози“ – со прифатлив целодневен паркинг во непосредна близина на станиците за јавен превоз. А јавниот превоз во Виена е брз, сигурен и достапен.
Проширувањето на зоните со паркинг-такса генерира 180 милиони евра годишно, а овие пари се инвестираат директно во велосипедска инфраструктура и промоција на алтернативни начини на транспорт. Пристапот на „зелено“ урбанистичко планирање на Виена доведе до тоа жителите да користат автомобили за 37% помалку отколку во 1990-тите.
Aнкетите покажуваат дека повеќе од две третини од Виенците го поддржуваат укинувањето на паркинг-местата и проширувањето на зелените површини.
(021)




























