Луѓето кои се изложени на повисоки нивоа на загадување на воздухот во текот на целиот живот имаат поголем ризик од развој на Алцхајмерова болест, покажа студија од американскиот универзитет Емори.
Загадувањето на воздухот влијае директно на мозокот, а индиректно преку хронични болести како што се хипертензија, мозочен удар и депресија, кои се исто така фактори на ризик за деменција, откриле научниците.
Најсилната врска помеѓу загадувањето и Алцхајмеровата болест е забележана кај луѓе кои претходно имале мозочен удар. Тимот истражувачи го споредил нивото на изложеност на фини честички (PM2.5) со инциденцата на Алцхајмерова болест и улогата на три вообичаени поврзани болести.
Фините честички се особено опасни бидејќи можат да навлезат длабоко во белите дробови и крвотокот, а главните извори вклучуваат издувни гасови од возила, термоцентрали, индустриски активности, шумски пожари и согорување на дрво или фосилни горива во домаќинствата.
Авторите на студијата нагласуваат дека долготрајната изложеност на фини честички, исто така, го зголемува ризикот од кардиоваскуларни заболувања, хипертензија и нарушувања на менталното здравје.
Истражувањето, објавено во списанието PLOS Medicine, анализирало податоци од повеќе од 27 милиони луѓе над 65 години.
Светската здравствена организација (СЗО) постави глобални цели за намалување на фините честички до 2030 година, а планот за 2025 и 2040 година предвидува намалување на смртноста поврзана со загадувањето на воздухот за 50% во споредба со 2015 година.
Според податоците на СЗО, повеќе од 55 милиони луѓе ширум светот живеат со деменција, а Алцхајмеровата болест сочинува до 70% од случаите.
Во Европа околу 12,1 милиони луѓе со деменција се регистрирани во 2025 година, при што жените се најпогодени, сочинувајќи околу 66% од случаите.
(021/Euronews)






























