lada Victoria сака да го заштити правото на работа од далечина со закон, и покрај противењето на дел од деловната заедница која предупредува на можни проблеми за продуктивноста. Некои од најголемите компании во Австралија ќе бидат законски обврзани да им дозволат на вработените да работат од дома два дена во неделата откако викториската државна влада објави дека ќе воведе закон за легализирање на работата од дома.
Мелбурн, главниот град на Викторија и најголемиот град во Австралија, е дом на голем број големи работодавци, вклучувајќи ги BHP, Rio Tinto, ANZ Bank, Telstra и некои од најголемите пензиски фондови во земјата.
Лабуристичката влада на државата предложи од септември, вработените во јавниот и приватниот сектор да имаат законско право да работат од дома два дена во неделата, каде што е можно. Малите компании ќе имаат подолг период на прилагодување.
„Работата од дома функционира за семејствата бидејќи заштедува време и пари и им овозможува на повеќе родители да работат“, рече премиерката Џасинта Алан, објаснувајќи ја одлуката, пишува Financial Times. Нејзината влада се соочува со избори во ноември, а спроведувањето на ветувањето за законска заштита на правото на работа од далечина ќе биде дел од нејзината кампања за реизбор.
Работата од дома беше и политички чувствително прашање за време на минатогодишната национална изборна кампања, кога опозициската Либерална партија вети дека ќе се справи со, како што наведоа, „неодржливите“ модели на работа од далечина во јавниот сектор и побара вработените да бидат во канцеларија пет дена во неделата.
Тој предлог беше повлечен по само еден месец бидејќи предизвика големо незадоволство кај вработените. Либералната опозиција во Викторија сè уште не се изјасни дали ќе се спротивстави на новиот закон.
Потегот на владата доаѓа во време кога многу бизнис лидери повикуваат вработените почесто да се враќаат во канцеларијата. Нуно Матос, кој минатата година ја презеде функцијата извршен директор на ANZ, рече дека слабата посетеност на канцеларијата ќе резултира со пониски бонуси во банката. Бизнис здруженијата предупредија дека Викторија би можела да изгуби работни места во корист на други држави поради таков закон и дека тоа би можело да ги забави напорите за зголемување на продуктивноста во Австралија.
Повеќето големи компании веќе имаат флексибилни модели на работа, но на помалите компании може да им биде потешко да се прилагодат на предложениот закон. Оние со помалку од 15 вработени ќе имаат рок до јули следната година.
Скај Капучо, раководител на Советот на организации за мали бизниси во Австралија, рече дека новиот закон ќе донесе дополнителни административни обврски и неизвесност за сопствениците на бизниси.
„Многу мали бизниси се потпираат на соработка лице в лице, надзор, менторство и учење преку пракса за да развијат вештини и да ја одржат продуктивноста. Претворањето на работата од дома во законско право на федерално ниво, наместо во договор меѓу работодавачот и вработениот, би можело да ги оштети тие односи“, додаде таа.
(Форбс Хрватска)
Фото – Maxpixel






























