Народна Република Кина изрази сериозна загриженост во врска со планот на Европската Унија (ЕУ) да ги фаворизира домашните компании во јавните набавки, оценувајќи дека тоа создава бариери за инвестиции и институционална дискриминација, објави Министерството за трговија на Кина.
Кинеското Министерство за трговија истакна дека новиот Закон за индустриско забрзување на ЕУ, кој ги ограничува странските инвестиции во четири клучни сектори, батерии, електрични возила, соларни технологии и критични суровини, ја зголемува неизвесноста за кинеските компании што инвестираат во ЕУ, објавува Блумберг.
Портпаролот на министерството предупреди дека Европската Унија користи протекционистички политики под изговор за зајакнување на домашната индустрија и поддршка на зелената транзиција, што може да ја поткопа фер конкуренцијата и стабилноста на глобалните синџири на снабдување. Кина ја повика ЕУ да се придржува кон правилата на Светската трговска организација и да се врати на фер, транспарентна и недискриминаторска рамка.
„Кина внимателно ќе го следи законодавниот процес, ќе го процени влијанието врз своите интереси и ќе преземе мерки за заштита на легитимните права на кинеските компании“, додаде портпаролот.
Законот за индустриско забрзување на ЕУ има за цел една петтина од економското производство на блокот да доаѓа од производството до 2035 година, објаснува Блумберг.
(B92)
Фото – Flickr






























