Швајцарската влада ги повика граѓаните да гласаат на референдум против ограничувањето на населението на земјата на 10 милиони, предупредувајќи дека тоа би ја загрозило соработката со Европската унија и би ѝ наштетило на домашната економија.
Десничарската Швајцарска народна партија (SVP) го иницираше референдумот за ова прашање, закажан за 14 јуни. Референдумот доаѓа во време кога Швајцарија се стреми да ги продлабочи своите односи со ЕУ, првенствено за да обезбеди пристап до пазарот на ЕУ, нејзиниот главен трговски партнер.
Предлогот на SVP е да се ограничи населението на земјата на 10 милиони до 2050 година и да се прекине договорот за слободно движење со ЕУ.
Поддржувачите на ограничувањето тврдат дека имиграцијата во Швајцарија е превисока, што, според нив, предизвикува недостиг на станови, високи кирии и притисок врз јавната инфраструктура. SVP, најголемата партија во Швајцарија, се спротивставува на зближувањето со ЕУ, сметајќи го за закана за суверенитетот на земјата.
Земјата моментално има повеќе од девет милиони жители, а владата посочи дека ограничувањето на растот на населението би го загрозило просперитетот, внатрешната безбедност и хуманитарната традиција на земјата.
Според официјалната статистика, странските државјани сочинувале повеќе од 27 проценти од населението во 2024 година.
(Reuters/Klix.ba)





























