Кина го одобри првиот комерцијален имплант за мозок

- Advertisement -

Кина го одобри првиот комерцијален имплант за мозок за лица со парализа што овозможува враќање на моторната функција во рацете на пациенти со повреди на ‘рбетниот мозок. Ова е значаен регулаторен чекор и го покажува забрзаниот развој на невротехнологијата во Кина, соопшти Националната администрација за медицински производи на Кина.

Уредот е развиен од кинеската компанија Neuracle Medical Technology и користи интерфејс мозок-компјутер (BCI) што го поврзува нервниот систем на лицето со уреди што можат да ги толкуваат мозочните сигнали, објави South China Morning Post (SCMP). Ова им овозможува на пациентите да користат компјутер или да управуваат со роботска рака со моќта на своите мисли.

- Advertisement -

Системот е наменет за лица со парализа предизвикана од тешки повреди на ‘рбетниот мозок во пределот на вратот, што ги спречува сигналите од мозокот да стигнат до рацете и дланките. Уредот детектира мозочни импулси поврзани со намерата на движењата на рацете, ги преведува во софтвер и ги испраќа до роботска ракавица што користи пневматски актуатори за да помогне во отворањето и затворањето на раката, дозволувајќи му на пациентот да зграпчува предмети.

Уредот со големина на паричка е безжично поставен на надворешната површина на мозокот без да пенетрира во ткивото и ги преведува мозочните сигнали на пациентите во движења на рацете. Погодни за употреба се возрасни лица на возраст меѓу 18 и 60 години со стабилна парализа повеќе од една година и минимум шест месеци стабилна состојба. Уредот е дизајниран за луѓе кои не можат да фаќаат предмети со рацете, но имаат ограничена подвижност на надлактицата.

- Advertisement -

Друг кинески стартап, StairMed Technology од Шангај, развива мали мозочни импланти способни за брзо читање и пренесување на мозочни сигнали, ултратенки флексибилни електроди и роботски алатки за имплантација. StairMed планира да започне со големи клинички испитувања во средината на 2026 година, со околу 40 пациенти до крајот на годината, надминувајќи ги 21 пациент во тековните испитувања на Neuralink, кои ги води американскиот милијардер Илон Маск.

StairMed користи инвазивна технологија слична на Neuralink, но нејзината операција е најмалку инвазивна, бара само дупка од три до пет милиметри во черепот, а ултрафлексибилните електроди се пет пати помали и стотици пати помеки од оние на Neuralink, со што се намалува ризикот од оштетување на мозочното ткиво, според SCMP.

- Advertisement -

(021)

(фото: Easy Peasy AI)

- Advertisement -