Компанијата на основачот на Amazon, Blue Origin, ги откри своите планови за орбитален систем на центри за податоци со вештачка интелигенција во нов документ до Федералната комисија за комуникации.
Компанијата побарала од агенцијата дозвола за распоредување на 51.600 сателити. Иницијативата, наречена Project Sunrise, има за цел да лансира и да управува со констелација на сателити кои можат да обезбедат компјутерски капацитет за вештачка интелигенција.
Сателитите на Project Sunrise ќе бидат поставени во сончево-синхрони орбити на надморска височина помеѓу 500 и 1.800 километри. Секој слој во констелацијата ќе има помеѓу 300 и 1.000 сателити и ќе бидат распоредени на растојание од околу 5 до 10 километри. Во своето документирање Blue Origin вели дека констелацијата ќе ги надополни копнените центри за податоци.
Сателитите ќе бидат опремени со соларни панели за собирање енергија од сонцето. Blue Origin објасни дека орбиталниот центар за податоци со вештачка интелигенција ќе ги намали маргиналните трошоци за компјутерски капацитет во споредба со копнените алтернативи бидејќи сателитите ќе се напојуваат од сонцето, така што нема да им треба копнена или мрежна инфраструктура.
Проектот Sunrise ќе им овозможи на американските компании да развиваат и да користат вештачка интелигенција, да се скалираат, забрзувајќи го напредокот во машинското учење, автономните системи и предикативната аналитика, додадоа од Blue Origin.
Со поднесувањето до FCC, Blue Origin официјално се приклучува на SpaceX на листата со компании кои сакаат да градат центри за податоци со вештачка интелигенција во вселената. Во јануари SpaceX аплицираше до FCC за дозвола за распоредување милион сателити за својата констелација. Компанијата го оправда тоа велејќи дека орбиталните центри за податоци се најефикасниот начин за задоволување на растечката побарувачка за моќ на компјутерска интелигенција.
(Klix.ba)






























