Владата донесе одлука за намалување на акцизата на горивата

- Advertisement -

Акцизата за горивата ќе се намали откако Владата донесе одлука на денешната вонредна седница. Се очекува утре Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) да донесе одлука со која цената на дизелот ќе остане непроменета, додека бензините ќе поевтинат за 2 денари по литар, во моментов акцизата за дизел изнесува 15,5 денари по литар, а за бензините 22 денари.

Владата донесе одлука за дополнително намалување на акцизата за горивата со цел да се ублажи притисокот од растот на цените на светските пазари и да се спречи поскапување за граѓаните. Мерката доаѓа откако претходно беше намален ДДВ за горивата од 18 на 10 проценти, а оваа поволност ќе важи до крајот на кризната состојба, која според најавите треба да трае до околу 20 април.

- Advertisement -

Според одлуката, акцизата за дизелот ќе се намали за 4 денари по литар, додека за бензините Еуросупер 95 и 98 намалувањето ќе изнесува 2 денари по литар. Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека со ваквата комбинација на мерки се спречува очекуваното зголемување на цената на дизелот, кое според пресметките можело да достигне околу 7 денари по литар. Кај бензините, пак, се очекува дополнително намалување на цената.

Дополнителен ефект врз цената ќе има и попустот што го одобрува компанијата ОКТА за трговците со нафтени деривати. Овој попуст, кој изнесува 3 денари по литар за дизел и 2 денари за бензините, ќе продолжи да важи до крајот на април.

- Advertisement -

Поради пониските цени во земјава, во последниот период значително е зголемена потрошувачката на гориво. Според податоците на Владата, дневната потрошувачка достигнува околу два милиона литри, а на дел од бензинските пумпи во близина на границите е забележано и тројно зголемување на продажбата поради возачи од соседните држави кои доаѓаат да полнат гориво.

Властите уверуваат дека снабдувањето со нафта и нафтени деривати е стабилно и дека засега нема потреба од воведување ограничувања. Во меѓувреме, се следи развојот на глобалните енергетски пазари и состојбите на Блискиот Исток, а Владата не ја исклучува можноста за нови економски мерки доколку ценовните притисоци продолжат.

- Advertisement -

(Мета)

Фото – Piqsels

- Advertisement -