Земјоделската задруга Шари обединува земјоделски производители од Полошкиот регион, кои неодамна отворија своја продавница во Тетово. Во неа можат да се најдат домашни производи, кои директно од нивите, стигнуваат до купувачите. Овошје и зеленчук, млечни производи, мед, традиционални преработки и домашни специјалитети се само дел од понудата во продавницата.
Бехаре Незири, активен дел од земјоделската задруга „Шари“, која работи на унапредување на локалното производство и поддршка на земјоделците од Полошкиот регион, во интервју за Иноивативност вели дека бенефитот е огромен и за производителите и за купувачите. Пласманот на производите е гарантиран, а граѓаните добиваат еколошки домашни продукти со одличен квалитет.
Незири вели дека во моментот во тек е и брендирање на тетовскиот грав, како и на шарското сирење и кашкавал и на компирот од Вејце.
Бехаре, кажете ни нешто повеќе за земјоделската задруга „Шари“?
Земјоделската задруга „Шари“ е формирана со цел да ги обедини локалните производители и да им овозможи заеднички настап на пазарот. Од самото основање, нашата мисија е да го унапредиме земјоделското производство, да го подобриме квалитетот на производите и да создадеме одржливи услови за развој на руралните средини.
Преку задругата, земјоделците добиваат поддршка, пристап до проекти, обуки и нови можности за пласман на своите производи. Земјоделската задруга „Шари“ е основана пред три години како резултат на заедничка иницијатива на земјоделци од Полошкиот регион, кои имаа јасна визија, здружени да создадат посилен, поодржлив и поорганизиран аграрeн сектор. Денес задругата брои 34 активни членови од повеќе општини, меѓу кои Тетово, Желино, Брвеница, Јегуновце, Теарце, Боговиње, како и од Гостивар и околните села.
Членовите се занимаваат со разновидно производство, од овошје и зеленчук, до млечни производи, мед, традиционални преработки и домашни специјалитети. Преку задругата, тие не само што го пласираат својот труд, туку и градат заеднички идентитет базиран на квалитет, доверба и локална автентичност.

Неодамна, задругата „Шари“ја отвори и својата прва продавница во Тетово, во која од прва рака може да се набават продукти кои се произведени од нејзините членови. Што се може да се купи во продавницата?
Со отворањето на првата продавница во Тетово, задругата направи значаен чекор кон директно поврзување на производителите со потрошувачите. Особено важно е да се нагласи дека продавницата е отворена во рамките на заеднички проект на Задруга „Шари“, ЦЕД и „Ви ефект“, финансиски поддржан од Шведската амбасада. Овој проект претставува пример за тоа како соработка помеѓу локални организации и меѓународни партнери може да создаде одржливи решенија за развој на земјоделството.
Во продавницата граѓаните можат да најдат богат избор на домашни и свежи производи, како што се: свежо овошје и зеленчук, млечни производи (сирење, кашкавал, јогурт), мед и пчелни производи, домашни џемови, мармалади и зимници, сушени и преработени производи и традиционални локални специјалитети
Целта е потрошувачите на едно место да добијат сигурен, квалитетен и локално произведен производ, директно од фарма.
Кои се бенефитите за земјоделците од овој тип на продажба? Дали овој принцип го олеснува пласманот или обезбедува подобра заработувачка?
Овој модел на продажба носи значајни придобивки за земјоделците. Пред сè, се елиминираат посредниците, што значи дека производителите добиваат фер и повисока цена за својот труд. Истовремено, се создава директна врска со потрошувачите, што гради доверба и долгорочна лојалност.
Токму преку поддршката на вакви проекти, како заедничката иницијатива со ЦЕД и „Ви ефект“, се отвораат нови можности за стабилен пласман, што е клучно за економската сигурност на земјоделците.


Планирате ли и да работите на брендирање на некои продукти, или пак веќе има заштитени имиња?
Брендирањето е еден од нашите приоритети. Работиме на создавање препознатлив идентитет на производите од Полошкиот регион, со потенцијал за заштита на традиционални производи. Во моментов активно работиме на неколку иницијативи за брендирање на традиционални производи од нашиот регион, со цел да им дадеме додадена вредност и поголема пазарна препознатливост.
Еден од клучните проекти е брендирањето на тетовскиот грав, за кој веќе се изработени анализи на семето и соодветен елаборат како основа за заштита и стандардизација. Паралелно, работиме и на брендирање на шарското сирење и кашкавал, како и на компирот од Вејце – производи кои имаат долгогодишна традиција и специфичен квалитет.
Нашата цел е овие производи да станат препознатливи не само на локално, туку и на национално и регионално ниво. Ова ќе придонесе не само за поголема вредност на производите, туку и за промоција на регионот како препознатлива аграрна зона.
Какви се реакциите на купувачите, има ли интерес за производите?
Интересот е значителен и реакциите се исклучително позитивни. Сè повеќе луѓе се свртуваат кон домашни, проверени производи со познато потекло. Дел од купувачите и претходно ги купувале овие производи директно од земјоделците, но за многумина продавницата претставува ново искуство и олеснет пристап.
Со ова се скратува растојанието меѓу производителот и купувачот, а се зајакнува и свеста за значењето на локалното производство.
Кои се најголемите предизвици со кои се соочуваат земјоделците во Полог? Што треба да се менува за да се подобри производството?
Земјоделците во Полог се соочуваат со бројни предизвици – нестабилни пазари, ниски откупни цени, климатски промени, недостиг на работна сила и ограничен пристап до современи технологии. Токму затоа здружувањето во задруги станува неопходно, бидејќи овозможува подобра организација, заеднички настап и поголема конкурентност.
За подобрување на условите во кои работат земјоделците потребен е сеопфатен пристап, од подобрување на државните политики и поддршка, до континуирана едукација на земјоделците. Инвестициите во модерни технологии, дигитализација и иновации се клучни за зголемување на продуктивноста и квалитетот.
Воедно, ваквите партнерски проекти со меѓународна поддршка покажуваат дека вистинските промени се можни кога има координиран пристап.


Има ли членови на задругата кои користат нови технологии во производството? Какви се нивните искуства?
Да, дел од членовите веќе применуваат современи практики, и подобрени агротехнички методи. Во последните години значително работиме на модернизација на производството. Дел од нашите членови, преку неколку проекти реализирани во соработка со МАЗЗ и МРПФ, добија современа опрема која директно влијае на подобрување на квалитетот и ефикасноста.
Станува збор за машини за молзење на овци, современи комплети за производство на сирење, како и машини за вакумирање на производите. Оваа технологија им овозможува на производителите да ги исполнат стандардите за безбедност на храна, да го продолжат рокот на траење на производите и да излезат поконкурентно на пазарот. Искуствата се позитивни, се постигнуваат повисоки приноси, подобар квалитет и поефикасно користење на ресурсите.
Дали задругата размислува за отворање и на продавници во други градови? Какви се вашите планови за во иднина?
Да, постојат планови за проширување на овој модел и во други градови. Целта е да се создаде мрежа преку која домашните производи ќе бидат подостапни, а земјоделците ќе добијат нови можности за пласман. Во иднина се стремиме кон зголемување на бројот на членови, проширување на производството и зајакнување на пазарното присуство. Посебен фокус ќе ставиме на брендирање, едукација и воведување нови технологии.
Нашата визија е задругата „Шари“ да стане промотор на развојот на земјоделството во регионот и пример за успешна соработка и здружување.
































