Италијанската енергетска компанија Ени објави дека открила ново наоѓалиште на гас и кондензат во Средоземното Море, покрај брегот на Египет, по реализацијата на истражувачката бунарница Дениз В-1 во рамките на концесијата Темса.
Прелиминарните проценки покажуваат дека на таа локација има околу 57 милијарди кубни метри гас, како и околу 130 милиони барели кондензат, објавува Ројтерс.
Откритието доаѓа во време кога домашното производство на гас во Египет се намалува во последните години, додека земјата, исто така, ги трпи последиците од војната со Иран, особено во енергетскиот сектор, бидејќи во голема мера се потпира на увоз на гориво.
Локацијата се наоѓа на околу 70 километри од брегот, на релативно мала длабочина на морето и многу блиску до постојната инфраструктура, што овозможува побрз и поефикасен развој на проектот.
Бунарот е дупчен откако во 2025 година беше потпишан договор со египетските власти за продолжување на концесијата Темса за уште 20 години. Ени го управува проектот со 50 проценти удел, заедно со БП, додека операциите се извршуваат преку заедничкото претпријатие Петробел, во партнерство со египетската државна нафтена компанија.
(Seebiz.eu)
Фото – Geograph.ai






























