Авиоиндустријата предупредува: кризата со авионското гориво нема брзо да заврши

- Advertisement -

Експертите предупредуваат дека и по отворањето на Ормутскиот теснец, ситуацијата нема да се стабилизира неколку месеци. А последиците од војната на Блискиот исток повеќе наликуваат на шоковите од финансиската криза од 2008-2009

Снабдувањето со авионско гориво на светско ниво може да се стабилизира само по неколку месеци, дури и ако Иран повторно го отвори Ормутскиот Теснец, предупредија претставници на авиоиндустријата. Причината е нарушениот капацитет на рафинериите на Блискиот Исток поради војната, пренесува Ројтерс.

Директорот на Меѓународната асоцијација за воздушен транспорт (ИАТА), Вили Валш изјави дека иако се очекува цената на суровата нафта да се намали, трошоците за авионско гориво веројатно ќе останат повисоки од вообичаеното поради прекините во преработката на нафта во регионот.

- Advertisement -

Горивото е вториот најголем трошок за авиокомпаниите по платите на вработените и обично сочинува околу 27 проценти од нивните оперативни трошоци. Цената на авионското гориво во последниот период се зголеми повеќе од двојно, значително побрзо од растот на цената на суровата нафта.

Затворањето на Ормутскиот теснец од страна на Иран, значително го намали глобалното снабдување со авионско гориво. Веста за можен прекин на огнот и потенцијално безбеден премин низ теснецот, пак, доведе до раст на акциите на авиокомпаниите. Акциите на Qantas Airways пораснаа за повеќе од 9 проценти, на Air New Zealand за над 4 проценти, на Cathay Pacific за околу 5 проценти, додека индиската IndiGo забележа раст и до 10 проценти.

- Advertisement -

Цената на нафтата падна под 100 долари за барел откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека е постигнат договор за двонеделен прекин на огнот со Иран, кој е условенсо повторно отворање на Ормутскиот Теснец.

Сепак, Волш предупреди дека дури и ако теснецот остане отворен, ќе бидат потребни месеци за снабдувањето со авионско гориво да се врати на нормално ниво.

- Advertisement -

Тој истакна дека сегашната ситуација не е споредлива со кризата предизвикана од Ковид-19, кога глобалниот воздушен сообраќај се намали за околу 95 проценти поради затворањето на границите. Според него, кризата повеќе наликува на економските шокови по терористичките напади од 11 септември, 2001 или на финансиската криза од 2008-2009 година, кога закрепнувањето на индустријата траеше од неколку месеци до една година.

Според Валш, земји како Индија и Нигерија би можеле привремено да го зголемат производството на рафинирани нафтени производи, додека Кина и Јужна Кореја би можеле повторно да започнат со извоз кога ќе се стабилизира снабдувањето со сурова нафта.

(Meta)
Фото- Flickr

- Advertisement -