Цените на нафтата повторно силно пораснаа и ја надминаа границата од 100 долари за барел, откако американската воена команда објави блокада на иранските пристаништа, а мировните преговори меѓу Вашингтон и Техеран завршија без резултати, продлабочувајќи ги стравувањата од прекини во глобалните снабдувања со енергија.
На лондонскиот пазар, цената на суровата нафта од типот Брент се зголеми за повеќе од 7 проценти, достигнувајќи 102,15 долари за барел, додека на американскиот пазар WTI забележа уште посилен раст – повеќе од 8,5 проценти, на 104,90 долари, јавуваат агенциите. Овој ненадеен скок следеше по објавата на Централната команда на САД дека од 13 април ќе започне со блокирање на морскиот сообраќај кон и од иранските пристаништа.
Како што е наведено, мерката ќе се применува на сите бродови, без оглед на знамето, кои влегуваат или излегуваат од иранските пристаништа во Персискиот и Оманскиот Залив. Во исто време, ЦЕНТКОМ вели дека нема да се меша во слободата на пловидба низ Ормутскиот теснец за бродовите што транзитираат кон пристаништа што не се во Иран – обид да се избегне целосен колапс на глобалните енергетски текови.
Најавата за блокадата претходно ја потврди претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, откако преговорите меѓу американските и иранските претставници во Исламабад завршија без договор за прекин на конфликтот. Неуспехот на дипломатијата дополнително ги зголеми загриженостите на инвеститорите, кои стравуваат од долгорочно нарушување на снабдувањето со нафта од еден од клучните енергетски региони во светот.
Интересно е што пазарот на нафта беше во спротивен тренд само неколку дена претходно. Минатата недела цените нагло паднаа по постигнувањето на двонеделно примирје меѓу САД и Иран: Брент падна за 12,7 проценти, додека американскиот WTI потона за 13,4 проценти
Најголемиот пад беше забележан во средината на неделата, веднаш по објавувањето на примирјето, но цените останаа релативно високи до крајот на неделата – близу 100 долари.
Причината беше што Иран не го отвори целосно Ормускиот теснец за танкери, освен со ограничени исклучоци, што дури и тогаш сигнализираше за кршливоста на договорот.
Најновите случувања го враќаат фокусот на инвеститорите кон геополитичките ризици и потенцијалните прекини во синџирот на снабдување.
Ормускиот теснец, низ кој минува значителен дел од светската нафта, останува клучна точка на глобалната енергетска безбедност – и секоја закана за неговото функционирање автоматски се одразува на цените. Доколку тензиите продолжат, аналитичарите предупредуваат дека цените на нафтата би можеле да го продолжат својот тренд на раст, со директни последици врз инфлацијата, транспортот и економиите низ целиот свет.
Фото – Flickr





























