Европа ќе мора да ги приземји авионите за три недели ако Ормускиот теснец не се отвори

- Advertisement -

Европа ќе се соочи со недостиг на гориво за авиони за само три недели ако Ормутскиот теснец не се отвори повторно, предупреди европскиот огранок на Меѓународниот совет на аеродроми (ACI).

Персискиот Залив е главен извор на гориво за авиони, кој сочинува околу 50 проценти од увозот на Европа.

- Advertisement -

Кризата со снабдување би сериозно го нарушила работењето на аеродромите и воздушната поврзаност – со ризик од сериозни економски последици за погодените заедници и Европа“, напиша генералниот директор на ACI Европа, Оливие Јанковец, во писмо до европските комесари за енергетика и туризам.

Тој нагласи дека ако преминот низ Ормутскиот теснец не продолжи на значаен и стабилен начин во следните три недели, системскиот недостиг на гориво за авиони би станал реалност за ЕУ.

- Advertisement -

Бројни авиокомпании ги зголемија цените на билетите и ги суспендираа летовите, од безбедносни или профитни причини. Минатата недела референтната цена на горивото за авиони во Европа достигна рекордни 1.838 долари за тон, во споредба со 831 долар пред војната.

Јанковец ја повика ЕУ да интервенира, потенцирајќи дека потпирањето само на пазарните сили и прилагодувањето не е опција и рече дека членовите на ACI се сè повеќе загрижени за достапноста на гориво за авиони, особено како што се приближува летната туристичка сезона.

- Advertisement -

Тој го критикуваше недостатокот на проценка и следење на производството и достапноста на гориво за авиони на ниво на цела ЕУ. ACI Европа сака ЕУ да се приклучи во колективните купувања на гориво за авиони и повикува на привремено укинување на ограничувањата и регулативите за увоз на гориво за авиони.

Во писмото испратено од ACI до Европската комисија на 9 април се наведува: „Оваа криза треба да биде и можност за зајакнување на поддршката за производство и достапност на SAF (одржливо гориво за авијација)”.

Јанковец додаде дека аеродромите со помалку од еден милион патници годишно веќе се борат со одржливоста без да го земат предвид влијанието на недостигот на гориво за авиони.

Тој предупреди дека сегашната криза може да ги направи аеродромите уште покревки и да ги загрози локалните заедници, потенцијално влијаејќи на европската кохезија.

Воздушниот транспорт придонесува со 851 милијарда евра во БДП на европските економии секоја година и поддржува 14 милиони работни места.

Меѓународниот совет на аеродроми, здружение кое претставува околу 600 аеродроми во околу 50 земји, го повикува Брисел итно да ја следи достапноста и понудата во текот на следните шест месеци, бидејќи цената на керозинот скокна поради војната на Блискиот Исток и блокадата на Ормутскиот теснец. Покрај тоа, ACI бара олабавување на европското законодавство, особено во однос на текстот за намалување на емисиите на метан во енергетскиот сектор.

Војната на Блискиот Исток беше предизвикана од израелското и американското бомбардирање на Иран на 28 февруари. Техеран возврати, особено со блокирање на морскиот сообраќај во Ормутскиот теснец, низ кој минуваат приближно 20 проценти од светската нафта, керозин и гас. Од вторник вечерта е во сила кревко примирје. Конфликтот предизвика нагло зголемување на цената на керозинот, дури и побрзо од онаа на суровата нафта.

- Advertisement -