Европските работници се под постојан притисок од геополитичката криза, вртоглавите трошоци за живот и напредокот на автоматизацијата, која се заканува да укине многу работни места. Сето тоа создава совршени услови за масовно “прегорување”.
Одењето кај терапевт изгледа како логично решение, но најновиот извештај на Еврофонд ја покажа страшната вистина дека за многумина менталното здравје стана недостижен луксуз.
Статистиката покажува дека десет приватни сесии со психотерапевт, кои често се минимум за каков било напредок, можат да чинат колку цела месечна минимална плата во некои земји или дури и повеќе.
Кога се споредуваат цените на сесиите со платите, сликата во Европа станува многу нерамномерна.
Во Романија 10 сесии можат да чинат до два и пол пати повеќе од минималната плата. Слична е ситуацијата и во Грција, каде што оваа цена е околу 170% од минималната плата.
И покрај тоа што е економски лидер, приватното осигурување на Германија често не покрива психотерапија, а една сесија чини помеѓу 100 и 150 евра. За работник со минимална плата десет сесии чинат две третини од неговата плата.
Ирска се издвојува како една од најпристапните земји – 10 сесии таму чинат околу една третина од минималната плата. Во Франција јавниот здравствен систем надоместува до 60% од трошоците, правејќи ја терапијата достапна за широк спектар на луѓе.
Извештајот јасно ги мапира секторите во кои емоционалната исцрпеност стана вообичаена. На врвот на листата се:
-Здравство и социјална работа (24,5%)
-Угостителство и туризам (23%)
-Образование (20%)
Интересно е што најниските стапки на ризик од прегорување се регистрирани во ИТ секторот (13,1%) и јавната администрација, каде што условите за работа се очигледно постабилни, а притисокот од директен контакт со луѓето е помал.
На крајот на краиштата, прашањето не е само дали вработените сакаат да побараат помош, туку и дали можат да си ја дозволат. Ако терапијата чини повеќе од платата, “прегорувањето” станува неизбежна ставка во годишниот биланс на состојба на секоја компанија.
(Euronews Health)
(фото: Wikimedia)




























