Аналитичката куќа Omdia го објави својот најнов извештај за пазарот на паметни телефони за првиот квартал од 2026 година, откривајќи ги топ 5 производителите на глобално ниво. Во услови на зголемување на цените на меморијата и притисок врз трошоците, Samsung се издвојува како единствен Android бренд кој расте, додека остатокот од конкуренцијата, претежно кинески производители, имаат проблеми со профитабилноста и побарувачката.
Samsung го престигна Apple во првиот квартал од 2026 година и го зазеде првото место, со 22% пазарен удел и испораки од 65,4 милиони уреди. Во споредба со истиот период минатата година, компанијата забележа раст од 8%, што се должи на силната продажба на серијата Galaxy A на пазарите во развој, како и силната побарувачка за моделите Galaxy S26 во премиум сегментот.
Apple е на второто место, со пазарен удел од 19% и испораки од 60,4 милиони уреди, но забележа најголем раст меѓу водечките брендови од дури 10% на годишно ниво. Стабилната продажба на серијата iPhone 17, како и дополнителниот моментум преку моделот iPhone 17e ѝ овозможија на компанијата да има силна позиција, особено на пазарите во Европа, Јапонија и во Кина, каде што Pro моделите забележаа значителен раст.
Третото, четвртото и петтото место ги заземаат Xiaomi, OPPO и Vivo, со удели од 11%, 10% и 7% соодветно. Сепак, Xiaomi бележи пад од дури 19%, што е директно поврзано со зголемувањето на цените на меморијата и големата зависност од буџетскиот сегмент на уреди под 200 долари, каде што маржите на профит се минимални.
Зголемувањето на трошоците за компоненти, особено DRAM и NAND меморијата, дополнително го попречува бизнисот на производителите на Android, кои немаат исто ниво на контрола врз синџирот на снабдување како Apple или Samsung. Ова води до зголемување на цените на уредите или намалување на маржите, што влијае на конкурентноста.
Omdia предупредува дека инфлацијата и зголемувањето на цените ќе продолжат да влијаат на пазарот до крајот на годината. Се очекува циклусите за замена на уреди да бидат подолги, а производителите се повнимателни кога станува збор за испораките. Наместо агресивна експанзија, фокусот ќе биде на зачувување на профитабилноста, особено во средните и високите сегменти на пазарот, каде што притисокот врз трошоците е најизразен.
(Bug.hr)
(фото: Pixlr)






























