Јован Фичорски, Лука Наумовски и Кристијан Манојлоски се тројца студенти кои неодамна го збогатија македонскиот пазар со уште еден нов продукт, платформата Spotly.
Наменета за дигитализација на секторот угостителство и туризам, платформата прави поврзување на рестораните и организаторите на настани со нивните клиенти, а од друга страна на гостите им дава можност лесно и брзо да направат резервација и да го планираат своето излегување.
Во интервју за Иновативност овие млади и иновативни луѓе го објаснуваат процесот на размислување и креирање на овој продукт и нивните желби и идеи како ќе продолжат со неговиот развој.
Разговараше – Сања Наумовска
Може ли за почетоик да ни објасните што е Spotly?
Јован: Spotly е дигитална платформа за резервации и управување со посетеност која ги поврзува гостите со угостителските објекти и организаторите на настани преку јасен и структуриран процес кој е практичен, едноставен за употреба. Тој е дизајниран истовремено да може да опслужува корисници и локали овозможувајќи реални податоци во реално време. Идејата беше да се создаде решение што ќе ја отстрани неизвесноста при резервирање и ќе овозможи подобро планирање на излегувањата.
Лука: Од друга страна, Spotly им дава на објектите и организаторите целосна контрола врз посетеноста и подобра организација на нивниот простор и време.
Колку време ја развивавте платформата и која беше инспирацијата за да се креира истата? Што сакавте да ја постигнете?
Кристијан: Развојот на Spotly траеше неколку месеци, со постојано тестирање во реални услови. Инспирацијата дојде од секојдневни ситуации каде резервациите се губат, не се потврдуваат или создаваат недоразбирања. Ова важи и за класични резервации, но и за настани каде управувањето со посетеност е уште покомплексно. Исто така, клучен фактор беше и тоа што Македонија е сè уште во развој кога станува збор на дигитализација на процеси, особено во делот на туризам и угостителство. Овде видовме огромен потенцијал за раст, но и за примена на платформата.
Целта е да се создаде систем што ќе внесе јасност, сигурност и предвидливост, и за гостите и за оние што управуваат со просторот или настанот.
Во колку ресторани се користи во моментов и какви се бенефитите за гостите, а какви за угостителите?
Лука: Во моментов Spotly се користи во повеќе угостителски објекти и локации, вклучувајќи Oeno Bar, Brick Bar, Шпајз и Чардак, како и други препознатливи места во Скопје и други градови во државата. Особено е значајно што токму вакви објекти го препознаваат бенефитот од подобра организација.
За гостите, најголемата вредност од користењето на платформата е сигурноста. Тие преку истата можат да изберат конкретна маса или место, да знаат однапред што ги очекува и да избегнат неизвесност.
За објектите и организаторите, тоа значи централизирани информации, помалку грешки, подобро управување со капацитетот и попредвидлив тек на посетители.


Објаснете како функционира процесот на резервација преку платформата?
Кристијан: Процесот е дизајниран да биде едноставен, но прецизен. Корисникот пристапува до Spotly преку својот интернет пребарувач или преку апликацијата достапна на App Store или Play store, избира објект или настан, термин и каде што е овозможено, конкретна маса или место. Системот прикажува реална достапност во тој момент, што значи дека нема преклопувања или недоразбирања.
По изборот, резервацијата се потврдува веднаш или преку депозит, што ја прави сигурна и за двете страни. Сите информации и промени се ажурираат во реално време.
Spotly веќе се промовира на домашниот пазар, дали планирате проширување?
Лука: Во оваа фаза фокусот е на домашниот пазар и на градење стабилен и доверлив систем, при тоа потикнувајќи модерни промени во системите на работење во угостителството. Важно е првенствено да се воспостави модел што функционира во реални услови, пред да се размислува за понатамошно проширување.
Потенцијал за регионален развој постои, но тој генерално се базира на резултатите и искуството што ќе се изградат на локално ниво.
Што е тоа што оваа платформа ја прави иновативна, односно што ја разликува од слични?
Кристијан: Во врска со иновативноста најголемиот бенефит е практичноста и едноставноста на целиот процес. Spotly овозможува избор на конкретна маса или место, реална достапност и потврда преку депозит, што значително го намалува ризикот од недоразбирања и откажувања од било која страна.
Дополнително, платформата се развива не само како алатка за резервации, туку систем за управување со посетеност, интервали на посетеност и други корисни податоци за угостителите, кој им дава на објектите и организаторите подобра контрола и увид на својата работа.


Каква е состојбата на македонскиот пазар во делот на дигитализацијата во угостителството? Дали рестораните во земјата се подготвени за вакви дигитални решенија и како ги прифаќаат?
Лука: Пазарот сè уште е во процес на дигитална адаптација. Многу објекти користат повеќе канали за резервации, што создава конфузија и недоволна прегледност. Сепак, постои јасна отвореност за подобри решенија, особено кај оние што сакаат да ја подобрат организацијата и искуството за гостите.
Кои се вашите идни планови?
Јован: Фокусот е на понатамошен развој на платформата и додавање функционалности што ќе помогнат во подобра оптимизација.
Темелно се работи во делот со капацитетите, како и проширување во делот на настани и продажба на карти. Паралелно, посветено работиме и на функционалностите кои ќе допринесат до поголеми бенефити за угостителите како и градење систем за идеално корисничко искуство. Целта е Spotly да стане целосна платформа за управување со посетеност, а не само алатка за резервации.





























